Швајцарската влада денеска соопшти дека во оваа фаза Русија не е меѓу 160-те делегации поканети на разговорите што ќе се одржат во Швајцарија кон средината на јуни со цел да се помогне за воспоставување мир во конфликтот меѓу Москва и Киев.
„Швајцарија е убедена дека Русија мора да биде вклучена во овој процес“, се вели во соопштението на швајцарската влада, пренесе Ројтерс.
Според швајцарската влада, мировниот процес не е можен без Русија.
Швајцарската влада изјави дека отсекогаш покажувала отвореност кон Русија испраќајќи ѝ покани, но истакна дека Москва постојано нагласува дека нема интерес да учествува на првиот самит.
Руските власти истакнаа дека Швајцарија ги усвои санкциите на ЕУ против Москва поради нејзиниот напад врз Украина и посочуваат дека поради тоа нема кредибилитет како неутрален посредник.
Во јануари, Швајцарија објави дека ќе биде домаќин на мировен самит на барање на претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Меѓу поканетите делегации има членови на Г7, Г20, групата БРИКС, ЕУ, меѓународни организации и двајца верски претставници, соопшти швајцарската влада.
Швајцарската влада повтори дека има за цел да создаде рамка за постигнување траен мир во Украина, како и патоказ за учество на Русија во мировниот процес.
Разговорите ќе се одржат од 15 до 16 јуни во Бургенсток, одморалиште во кантонот Нидвалден во близина на Луцерн.