Шведска ја паузира финансиската поддршка на УНРВА / Photo: AA

Шведска донесе одлука да ја паузира финансиската поддршка на Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), соопшти СВТ, јавниот емитер на Шведска.

Шведска се приклучи на неколкуте земји кои го запреа финансирањето на УНРВА по наводните израелски обвинувања дека некои вработени во оваа хуманитарна организација биле вклучени во нападот од Хамас на 7 октомври.

„Додека истрагата на ОН не заврши, нема да даваме никаков финансиски придонес“, рече секретарот за печат на Шведската агенција за меѓународен развој и соработка (СИДА), Јохан Тјерненг.

Тој додаде дека средствата во вредност од 31 милион шведски круни (2,98 милиони долари) ќе бидат пренасочени кон Црвениот крст и Светската програма за храна.

„Тоа е правилна одлука со оглед на многу сериозните информации што излегоа на виделина последните денови“, рече Јохан Форсел, министерот за меѓународен развој и соработка на Шведска.

Неколку земји, вклучувајќи ги и САД; Велика Британија, Германија, Франција, Австрија и Јапонија, ги суспендираа средствата наменети за УНРВА, основана во 1949 година за давање помош на палестинските бегалци во Газа, на Западниот Брег, Јордан, Сирија и Либан.

Агенцијата на ОН објави дека започнала истрага за израелските обвинувања и ја прекинала врската со тие членови на персоналот.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.

Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 26.751 Палестинец, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 65.636 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.

Според податоците на Обединетите нации, 85 % од населението на Појасот Газа е интерно раселено и се соочува со акутен недостаток на храна, чиста вода и лекарства, додека околу 60 % од инфраструктурата во Појасот Газа е оштетена или уништена.

Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.

„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни