Шведската Влада продолжува да ги затвора исламските образовни институции во обид да поттикне „антиисламска реторика“ и да ја „запре приватизацијата“ во образованието и покрај тоа што повеќето од училиштата се со најдобри резултати во земјата.
На почетокот на годинава Лена Акселсон Кјелблум, тогашната министерка за образование на скандинавската земја на прес-конференција, рече дека владата поднела нацрт-закон со цел „да се забрани основањето на т.н независни верски училишта“.
Предлог-законот во суштина ги спречува училиштата да се прошират со зголемување на бројот на учениците или отворање нови филијали од 2024 година.
Досега само исламските училишта беа цел на регулативата, што предизвика негодување кај муслиманските организации, истражувачи и училишта, тврдејќи дека одлуката за затворање на исламските училишта не се заснова на лоши образовни резултати или други недостатоци во наставата, туку дека има политички, односно антиисламски мотиви.
Мохамед Амин Хараки, раководител на независното муслиманско училиште Фрамстегсколан во предградието Рагсвед во Стокхолм, изјави дека околу 20 училишта кои се класифицираат како исламски или оние кои се во сопственост на муслимани се затворени, а само три кои се преостанати се соочени со правна процедура поднесена против нив.
Минатиот мај, училишниот инспекторат на земјата објави дека го затвора Фрамштегсколан. Сепак, училиштето поднесе жалба и Управниот суд пресуди дека одлуката повеќе не треба да се применува, додека се чека конечната пресуда.
Одлуки базирани на „теории на заговор“
Одлуката на инспекторатот за затворање на училиштето беше заснована на извештајот на шведската домашна безбедносна служба САПО со „тврдења базирани на теории на заговор“ за групата Муслиманско братство, тајни агенди и наводни етикети за тероризам што збуни многумина истражувачи.
„Да ја немав истражувачката позадина што ја имам, дека го проучував и истражував Муслиманското братство, ќе се плашев од темнината. Ќе се плашев главно од сите муслимански лидери во Шведска“, вели Емин Пољаревиќ вонреден професор по социологија на религијата, пренесува локалниот весник „Сајр“.
„Ова дополнително покажува дека имаме општествено расположение каде што муслиманите се претставени како „егзотични“ и сомнителни. Срамота е што САПО, од сите други институции, падна во таа јама“, рече Пољаревиќ, кој е предавач по исламска теологија и филозофија во Универзитетот во Упсала.
И исламските предучилишни установи се на нишан
Предучилишната установа на Саимагарден во областа Акала во Стокхолм, исто така управувана од Фрамштегсколан, требаше да биде затворена минатиот август поради тврдењата на САПО дека децата се изложени на ризик од радикализација.
Судот сепак, го укина потегот и предучилишната установа останува отворена до правосилна пресуда.
Хараки посочува дека од САПО не споменале никакви конкретни обвинувања за ниту едно училиште во нивниот извештај и дека наместо тоа се повикуваат само на „доверливи“ извори.
Истакнувајќи ја опасноста од аргументот на инспекторатот, тој рече дека ако училиштето е обвинето дека ги става децата во ризик од радикализација, без вистински доказ или инцидент од минатото, тогаш „тешко ви е, како обвинета страна, да се браните всушност, затоа што ништо од тоа не се случило. Тоа е нешто што може да се случи“.
Според Хараки, училишниот инспекторат никогаш не го посетил Фрамштегсколан за да ја набљудува наводната радикализација и воопшто не го доведе во прашање извештајот на САПО.
Анти-муслиманска агенда
Сеад Бусулаџиќ, член на одборот на политичката партија Нијанс и нејзин висок функционер во најјужниот округ Скане, изјави дека затворањето на училиштата не се должи на образованата програма, туку на антимуслиманското политичко расположение.
Тој посочи како десничарските партии кои во моментов се на власт експлицитно кажале дека немаат ништо против христијанските, еврејските или другите училишта.
Политичарите кои, според неговите зборови, ја нормализираат исламофобијата и им го отежнуваат животот на малцинствата, ги проблематизираат само исламските училишта, наводно за да ја „запрат радикализацијата“. Со тоа тие „влијаат на јавното мислење и на перцепцијата за муслиманите“.
Бусулаџиќ објасни дека првично социјалдемократите го воделе ова прашање, бидејќи се залагаат „против сите приватни училишта“ и тврдат дека државата треба да управува со сите образовни институции.
Меѓутоа, во пракса, само исламските училишта го носат товарот дури и на политиката на социјалдемократите, и покрај нивното наводно општо противење на приватното образование.
„На минатите избори, наместо да се фокусираат на прашања како што се економијата и високата невработеност, политичарите ги поттикнуваа антимуслиманските чувства“, рече тој, сугерирајќи дека затворањето на училиштата е одраз на таа политика.
Кога законот првпат беше предложен од владата, се тврдеше дека ќе бидат погодени сите верски училишта. Меѓутоа, во реалноста тоа не е случај бидејќи ниту едно друго верско училиште не е затворено освен исламските училишта.