Силно полициско присуство во Кина за спречување нови „Ковид“ протести      Фото: Ројтерс

Кинеската полиција во полна сила е ангажирана во главниот град Пекинг како и во повеќе големи градови меѓу кои и Шангај, за да се справи со невообичаено големите протести против мерките за ограничување поради Ковид-19, кои ги попречија секојдневните животи на милиони граѓани.

Најмалку едно лице во градот Хангжу е уапсено доцна во понеделникот, според видеата објaвени на социјалните мрежи.

Зголеменото незадоволство од политиките за превенција на Ковид-19, три години по пандемијата, се разгоре во масовни протести во градовите кои се оддалечени со илјадници километри еден од друг во текот на изминатиот викенд.

Најголемиот бран на граѓанска непослушност во Кина, откако претседателот Си Џинпинг ја презеде власта пред една деценија, доаѓа кога бројот на случаи на Ковид-19 секојдневно достигнува рекордно високо ниво и големи делови од неколку градови се ставени под нов круг карантински мерки.

Земјата објави дека се регистрирани 38.645 нови случаи на заразени во вторникот.

Вирусот во Кина продолжува да се шири и покрај значителните жртви кои ги направи населението од над 1,4 милијарди луѓе за да се спречи пренесувањето на вирусот, придржувајќи се до политиката на нулта Ковид-19 за искоренување на епидемијата, што Кина ја изолираше од остатокот од светот.

Карантините го влошија најголемиот пад на економскиот раст со кој е соочена Кина во последните децении, нарушувајќи ги глобалните синџири на снабдување и ги крена алармите на финансиските пазари.

Нема знаци на повлекување

Како одговор на широко распространетите протести, властите олеснија некои прописи, но владата не покажа знаци на повлекување од својата главна стратегија за спречување на коронавирусот.

Жители на Пекинг за новинската агенција Ројтерс истакнаа дека полицијата бара од жителите проверка на нивните телефони за да утврди дали користат виртуелни приватни мрежи (ВПН), како и апликацијата за енкриптирани пораки Телеграм, која беше дел од протестите овој викенд.

Употребата на ВПН е забранета за повеќето граѓани, додека пак мобилната апликација е блокирана во кинескиот интернет простор.

Во Шангај, властите, исто така, вршеа случајни проверки на телефоните на метрото на Народниот плоштад доцна во понеделникот, изјави очевидец за новинската агенција Асошиетед прес.

Полицијата и во текот на вторникот наутро сè уште вршеше патроли и проверки во градовите каде што се собираа групи на демонстранти организирани преку каналите на Телеграм.

Во Хангжу, главниот град на источната провинција Жеџијанг, видеата на социјалните мрежи за кои Ројтерс не беше во можност да ги верификува, покажаа стотици полицајци кои се стационирани на големиот јавен плоштад, спречувајќи ги луѓето да се соберат на протест.

Едно видео покажува дека полицијата, опкружена со мала толпа луѓе кои држат паметни телефони, апсат додека други се обидуваат да го повлечат лицето што е приведено.

Полицијата во Хангжу не одговори веднаш на барањето за коментар.

Во Хонг Конг во понеделникот вечерта, околу 50 студенти од Кина пееја и запалија свеќи на кинескиот универзитет во Хонг Конг во знак на поддршка за оние копнениот дел.

Пожарот кој минатата недела избувна во главниот град на автономната област Ксинџијанг Ујгур, Урумчи, во кој властите соопштија дека загинале десет луѓе, се чини дека е главен катализатор за протестите во другите градови.

Дел од корисниците на интернет објавуваа дека напорите за спасување се попречени поради карантинските мерки, иако официјалните власти го негираа тоа тврдење.

Во вторникот, кинеското Министерство за трговија објави дека ќе вложи „повеќе напори за да обезбеди снабдување со дневни потреби, особено за жителите во областите тешко погодени од повторната појава на Ковид-19“, пренесува државната новинска агенција.

„Ќе се направат повеќе напори за да се обезбеди соодветен капацитет за дистрибуција во затворените области, со приоритет за старите лица, децата, бремените жени, пациентите и лицата со попреченост“, се вели во соооштението.

TRT Balkan / агенции
Популарни