Семејствата на оние што исчезнаа под режимот на Башар ал Асад со надеж продолжуваат да чекаат пред затворот „Седнаја“, познат по тортурата и нехуманите услови во Дамаск, главниот град на Сирија.
За време на владеењето на соборениот режим на партијата Баас во Сирија илјадници беа подложени на тортура во десетици центри за тортура надвор од затворот „Седнаја“.
Од почетокот на бунтот во март 2011 година соборениот режим на Баас измачува и убива илјадници. Сепак, се стравува дека недокументираните бројки достигнуваат и десетици илјади.
Според Сириската мрежа за човекови права (СНХР), режимските сили притвориле најмалку 1,2 милиони Сиријци за време на граѓанската војна и ги подложиле на различни методи на тортура.
Иако режимот соопшти за над 20 таканаречени одлуки за амнестија за време на војната, меѓународните организации за човекови права наведуваат дека режимот продолжил да приведува Сиријци.
Во голем број извештаи од меѓународни организации се нагласува дека приведените биле убивани со тортура.
Анадолу собра детали за центрите и методите на тортура под соборениот режим на Баас, која владееше 61 година.
Според ексклузивен извештај на СНХР за Анадолу, центрите за тортура на режимот биле категоризирани како цивилни затвори, воени затвори, тајни неофицијални притворни центри и центри за испрашување на безбедносните единици.
Има над 50 такви центри во речиси сите покраини во земјата.
Затворот „Седнаја“, каде што се верува дека се затворени десетици илјади, има најлоша репутација од сите.
По протестите во март 2011 година „Седнаја“ стана центар за тортура, каде што се држени десетици илјади политички затвореници.
По падот на 61-годишниот режим на партијата Баас на 8 декември, вниманието се насочи кон ситуацијата на затворениците во „Седнаја“.
Некои приведени, наводно, се појавиле на безбедносните камери, но потоа не можеле да бидат пронајдени и тоа ја зголемува можноста да се наоѓаат во тајни простории под земја.
Екипите продолжуваат да копаат тунели и да уриваат ѕидови, а Сиријците кои со години не слушнале ништо за најблиските се собираат во затворот барајќи трага од нив.