Словачкиот портал СME објави дека напаѓачот на Фицо е 71-годишниот писател Јурај Цинтула од градот Левице во јужна Словачка. Оваа информација за порталот ја потврдил полициски извор.
Тој е 71-годишен писател, основач на литературниот клуб Духа и член на Друштвото на словачки писатели.
Како што пренесува ТВ Маркиз, Цинтула бил совладан од обезбедувањето на премиерот, а потоа седнал на земја со лисици и, според видеото, комуницирал со полицијата.
Како што е наведено на неговата Фејсбук страница, тој е автор на стихозбирките Сон на бунтовникот, Диптих и Воси. Го објавил и романот Порака на жртвата.
Тој на социјалните мрежи наведува дека е писател и поет кој е незадоволен од состојбата во државата.
Според медиумот aktuality.sk, тој го поседувал оружјето легално, а претходно работел во приватна служба за обезбедување. Тогаш и самиот бил цел на напад во трговски центар.
Според очевидци, Фицо му пришол да се ракува, а потоа се слушнале и истрели.
Новинарот кој разговарал со неговиот син рекол дека е во шок и потврдил дека неговиот татко имал легално оружје.
„Немам поим што сакал, што планирал и зошто тоа се случило“, рече тој.
Како што пишува Novinky.cz, Цинтула наводно никогаш отворено не спомнал ликвидација на политичар, а немал ниту ментални нарушувања.
По нападот, премиерот веднаш бил натоварен во владина лимузина од неговите телохранители и пренесен во локална болница. Тој е застрелан со неколку истрели и во моментов неговиот живот е во опасност, објавено е на официјалниот профил на Фицо.
Фицо потоа со хеликоптер бил пренесен во болницата Рузвелт во Банска Бистрица, каде што бил примен во итната медицинска помош.
„Транспортот до Братислава би траел предолго поради неизбежноста на операцијата. Следните часови ќе одлучат“, пишува на Фејсбук страницата на премиерот.
На социјалната мрежа Х се појави видео од атентатот на словачкиот премиер Роберт Фицо.
На видеото се гледа моментот на пукањето и како веднаш реагираат членовите на обезбедувањето на премиерот. Исто така, на видеото може да се слушнат и истрели. Словачките медиуми објавија дека атентаторот Јурај Цинтула го чекал Фицо кај оградата, а пред да почне да пука, го повикал викајќи „Робо!“, што е назив на словачкиот премиер.