Израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрич, денес изјави дека работи на 500.000 илегални еврејски доселеници во окупираниот Западен Брег да им ги обезбеди „истите права како на секој граѓанин во Израел“.
„Ќе продолжам да работам со сите мои сили да им овозможам на половина милион доселеници кои се на линијата на фронтот и под оган да ги уживаат истите права на секој граѓанин во Израел, и да обезбедам факти на теренот што ќе го спречат формирањето на палестинска држава“, објави Смотрич на X.
„Мојата животна мисија е да ја изградам земјата Израел и да го спречам формирањето на палестинска држава која би ја загрозила државата Израел“, истакна тој.
„Тоа не е политичко. Тоа е национално и егзистенцијално“, додаде лидерот на крајно десничарската партија Религиозен ционизам.
Смотрич е одговорен за населбите на окупираниот Западен Брег.
Западниот Брег е дом на околу половина милион илегални еврејски доселеници, покрај повеќе од 230.000 доселеници во окупираниот Источен Ерусалим (Источен Кудс).
Изминатиот јули, Кнесетот (израелскиот Парламент) донесе резолуција со која се отфрла формирање на палестинска држава, нарекувајќи го тоа „егзистенцијална закана“ за Израел.
Тензиите низ окупираниот Западен Брег се интензивираа откако Израел започна со својата офанзива во Појасот Газа, во која од минатиот 7 октомври загинаа речиси 41.100 Палестинци, главно жени и деца.
Најмалку 692 лица оттогаш се убиени, а над 5.700 се повредени од израелски оган на окупираниот Западен Брег, според податоците на Министерството за здравство.
Ескалацијата следи по одлуката на Меѓународниот суд на правдата на 19 јули, која ја прогласи повеќедецениската окупација на палестинските територии од страна на Израел за незаконска и повика на евакуација на сите населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим (Источен Кудс).