Доверливи документи од Самитот Г7 завршиле во кантата за смет на германскиот канцелар Олаф Шолц каде ги фрлила неговата сопруга Брита Ернст. Документите ги пронашле соседите на брачниот пар Шолц.
Како што објави германски „Дер Шпигел“, Брита Ернст, министерката за образование на покраината Бранденбург, ги фрлила неколкуте нацрти и документи на својот сопруг.
Меѓу фрлените хартии имало и документи класифицирани како „само за приватно-службена употреба“, кои се однесуваат на карактеристиките на челниците на земјите од Г7 и нивните сопружници.
Доверливите документи подлежат на строги правила
Бидејќи германското Министерство за надворешни работи овие документи ги класифицирало како „само за приватно-службена употреба“, Ернст немала право да ги фрли без нивно прописно уништување.
Во Германија, каде што доверливите документи подлежат на строги правила, документите со печат „за службена употреба“ мора да се уништат за нивната содржина да биде невидлива и неповратна.
Лидерите на земјите од групата Г7, која ја сочинуваат САД, Германија, Велика Британија, Канада, Франција, Италија и Јапонија, се собраа во рамките на Самитот на Г7, чиј домаќин беше Германија, на 26 и 28 јуни во палатата Елмау во Баварија.