Советот за човекови права на ОН ги осуди нападите врз Куранот / Photo: AA

Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН) ги осуди нападите врз Куранот, иако западните земји гласаа против на 53. редовна седница на овој Совет.

Во рамките на редовната седница во Женева, со апел на Организацијата за исламска соработка (ОИС), се одржа итна специјална седница на која се разгледа Н-резолуцијата во врска со непочитувањето и нападите врз светата книга на муслиманите, Куранот.

Нацртот со кој се упатува апел за осудување на нападите врз Куранот, кои се опишуваат како „омраза кон религија“, беше упатен до 47-члениот Совет за гласање.

Дваесет и осум членки гласаа за осудување на овие напади, а 12 членки гласаа против. Седум земји беа воздржани.

Алжир, Аргентина, Бангладеш, Боливија, Камерун, Кина, Брегот на Слоновата Коска, Куба, Еритреја, Габон, Гамбија, Индија, Казахстан, Киргистан, Малави, Малезија, Малдиви, Мароко, Пакистан, Катар, Сенегал, Сомалија, Јужноафриканска Република, Судан, Украина, Обединети Арапски Емирати, Узбекистан и Виетнам гласаа „за“.

Белгија, Костарика, Чешка, Финска, Франција, Германија, Литванија, Луксембург, Црна Гора, Романија, Велика Британија и САД гласаа „не“.

Парагвај, Непал, Мексико, Хондурас, Грузија, Чиле и Бенин беа воздржани.

Туркије нема право на глас бидејќи има статус на набљудувач во Советот за човекови права на ОН.

„Резолуцијата за осудување на Куранот, која беше поднесена до Советот за човекови права на ОН од страна на Организацијата за исламска соработка, е прифатена. Упатуваме благодарност до сите земји што дадоа поддршка за оваа резолуција“, се вели во соопштението на Постојаното претставништво на Туркије во рамките на Канцеларијата на ОН во Женева.

На овој состанок во името на Туркије учествуваше заменик-шефот на турската дипломатија, Јасин Екрем Серим, кој ги осуди нападите врз Куранот. Овие напади врз Куранот ги осуди и генералниот секретар на ОН, како и папата.

TRT Balkan / агенции
Популарни