Директни и јасни пораки до Русија и рускиот претседател Владимир Путин стигнуваат од самитот на НАТО во Мадрид. Според генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, Русија претставува директна закана за земјите чии претставници се присутни на самитот.
„На самитот кој за првпат по 2010 година треба да ги ревидира насоките на НАТО јасно ќе ставиме до знаење дека Русија претставува закана за нашата безбедност“, рече Столтенберг.
Шпанскиот премиер Педро Санчез му се обрати на претседателот на Русија.
„Имаме силна порака до Путин. Нема да победите“, истакна Санчез.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека НАТО ќе продолжи да ја снабдува Украина со оружје колку што е тоа потребно.
„Добро е што земјите собрани овде, и многу други, даваат свој придонес за Украина да може да се одбрани. Со обезбедување финансиски средства, хуманитарна помош, но и со обезбедување оружје”, рече Шолц.
„Повеќе НАТО“
На самитот во Мадрид е предвидено да се одржат три состаноци на шефови на држави и влади на земјите членки. Новиот стратегиски концепт кој ќе биде усвоен треба да ги опфати предизвиците со кои се соочува Алијансата, како и задачите кои треба да бидат извршени за полесно справување со предизвиците. Според Столтенберг се работи за историски самит на НАТО кога воениот сојуз минува низ најсериозната криза по Втората светска војна.
Се очекува на самитот државите членки да упатат покана до Шведска и Финска да им се приклучат во НАТО.
Британскиот премиер Борис Џонсон истакна дека рускиот претседател Владимир Путин ќе види „повеќе НАТО“ на западната граница на неговата земја.
„Путин се надеваше дека ќе види „помалку НАТО“ на западните граници по рускиот напад на Украина. Ама, целосно погреши. Путин сега ќе види повеќе НАТО“, изјави Џонсон.
Шпанија: „Време е за единство“
Шпанската министерка за одбрана, Маргарита Роблес, одговараше на новинарски прашања во Медиумскиот центар на саемот ИФЕМА, каде што се одржува Самитот.
Во врска со трилатералниот Меморандум потпишан вчера, Роблес рече: „Го поздравуваме укинувањето на ветото од страна на Туркије. Шпанија е земја која има систем за противракетна одбрана „Патриот“ во Туркије. Ја почитуваме позицијата на секоја земја, но вчера се направи голем напор да се пренесе пораката за единство. Време е за единство.“
Нагласувајќи дека како Шпанија, напорите на Туркије, Финска и Шведска ги оценуваат како многу позитивна вест, Роблес рече: „Шпанија е особено задоволна што овој договор е постигнат во Мадрид.“