Столтенебрг: Русија не треба да се потценува / Photo: AA

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Русија не треба да се потценува и дека на Украина ѝ треба итно воено снабдување.

Говорејќи за новинарите пред почетокот на неформалниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки на Европската Унија (ЕУ) во Стокхолм, Шведска, Столтенберг истакна дека не може да се исклучи дека источниот украински град Бахмут „на крај може да падне во наредните денови“.

Сепак, тој нагласи дека тоа „не мора да одразува некаква пресвртница во војната“.

„Тоа само нагласува дека не треба да ја потценуваме Русија“, рече Столтенберг, и ги повика земјите од НАТО и ЕУ да продолжат да ѝ обезбедуваат воена помош на Украина.

Столтенберг и министрите за одбрана на ЕУ ќе разговараат за плановите за зголемување на производството на европската одбранбена индустрија.

„Сегашната стапка на потрошувачка во споредба со сегашната стапка на производство на муниција не е одржлива“, рече тој.

„Освен важните чекори што веќе ги презеде НАТО, треба да направиме повеќе бидејќи треба да осигуриме Украина да ги задоволи своите потреби за да се одбрани од воената агресија на Русија, и треба да ги надополниме сопствените резерви“, додаде Столтенберг.

TRT Balkan / агенции
Популарни