Риши Сунак ќе биде прв британски премиер од етничките малцинства

Риши Сунак остана единствен кандидат за преземање на лидерската позиција на Конзервативната партија, по што ќе ја добие партиската поддршка и мнозинството во Парламентот да биде премиер на Велика Британија и да го формира новиот владин кабинет.

Претходно од трката за партиски лидер се повлече екс-премиерот Борис Џонсон, чија наследничка Лиз Трас си поднесе оставка од челната државна функција по само 45 дена од мандатот. Џонсон иако собра поддршка од над 100 пратеници, реши да не продолжи со планот за враќање на функцијата бидејќи како што рече „не сака да владее со поделена партија во Парламентот“.

Сличен чекор направи и Пени Мордоунт, лидерката на пратеничката група на „ториевците“ во долниот дом на Парламентот. Таа иако водеше кампања под интересниот слоган „PM4PM“, сепак се повлече од трката, надевајќи се дека партијата ќе се обедини зад Сунак од кого се очекува да го доврши мандатот.

„Нашата партија е нашето членство. Без разлика дали сме избрани претставници, активисти, собирачи на средства или поддржувачи. Сите ние имаме удел во тоа кој е нашиот лидер“, напиша Мордоунт на Твитер.

Автоматски со нејзиното повлекување, Сунак останува единствен кој успешно собра над 100 потписи и за кого има поширока поддршка меѓу членовите на Конзервативната партија.

Следен чекор за Сунак ќе биде доделување мандат за составување владин кабинет од страна на Кралот Чарлс Трети, по што ќе следи гласање во Парламентот, каде Конзервативната партија го поседува мнозинството.

Од Сунак ќе се очекува да се справи со економската криза и да ги реши проблемите кои настанаа со хаотичната финансиска политика поради која Трас ја изгуби довербата од сопартијците. Сунак во кабинетот на Борис Џонсон беше задолжен токму за финансискиот ресор и управуваше со државната каса.

TRT Balkan / агенции
Популарни