Светски ден на бегалци: Над 100 милиони луѓе во светот се присилно раселени / Photo: AA Archive

Секоја минута 20 луѓе оставаат сè зад себе за да избегаат од војна, прогон или терор. Најмалку 108,4 милиони луѓе во светот до крајот на 2022 биле присилно раселени како резултат на конфликти, насилство, кршење на човековите права и прогон, покажуваат извештаите на Обединетите Нации. Тие имаат статус на бегалци, внатрешно раселени лица, баратели на азил и луѓе на кои им е потребна меѓународна заштита. Во светот 20 јуни се одбележува како Светски ден на бегалците, а во продолжение ТРТ Балкан ви ги претставува дел од клучните факти за состојбата со бегалците во светот. Најбројни бегалците од Сирија

76 проценти од бегалците доаѓаат од земјите со ниски или средни приходи. 52 проценти од бегалците доаѓаат од три земји. Од Сирија се регистрирани 6,5 милиони, а од Украина и Авганистан по 5,7 милиони. Демократска Република Конго, Етипоија и Мјанмар исто така се делови од светот од каде доаѓаат голем број бегалци.

Туркије, земја домаќин на најголем број бегалци

Според Високиот комесаријат за бегалци на ОН, 29,4 милиони бегалци на крајот на 2022 биле под надлежност на УНХЦР. 5,9 милиони бегалци од Палестина се под надлежност на УНРВА, Агенцијата на ОН за помош и работа на палестинските бегалци на Блискиот исток.

Туркије според УНХЦР угостила најголем број бегалци во светот. Земјата била домаќин на 3,6 милиони бегалци. По неа следува Иран со 3,4 милиони, Колумбија со 2,5 милиони, Германија со 2,1 милион и Пакистан со 1,7 милиони.

Најмногу апликации во САД

Во 2022 имало 2,6 милиони нови апликации. Во САД стигнуваат најмногу апликации. Тие се на првото место со вкупно пристигнати 730 400 барања. Потоа следуваат Германија со 217 800, Костарика со 129 500 и Шпанија и Мексико со 118 800 апликации.

Освен за бегалците УНХЦР води грижа и за меѓународно раселените лица, барателите на азил и луѓето на кои им е потребна меѓународна заштита. Информациите на ОН се дека 62,5 милиони имаат статус на меѓународно раселени. Во светот има 5,4 милиони баратели на азил, а 5,2 милиони луѓе имаат потреба од меѓународна заштита.

Конвенцијата од 1951

Конвенцијата за бегалци на Обединетите Нации од 1951 година ги дефинира бегалците како луѓе кои побегнале од нивниот дом поради основан страв од прогон поради нивната раса, религија, националност или членство во одредена социјална група или политичко мислење. 20 Јуни - Светски ден на бегалците: Емпатија и разбирање

Според Конвенцијата бегалците треба да имаат ист статус како и другите странски државјани или да имаат права како и државјаните на државата во кој престојуваат. Тие треба да имаат право на работа, право на домување, образование, лични исправи, вероисповед.

Светскиот ден на бегалците е повод да се изгради емпатија и разбирање за нивната мака и да се препознае нивната издржливост во обновата на нивните животи, нагласуваат од ОН.

TRT Balkan / агенции
Популарни