Жените повеќе се вклучени во неформалното волонтирање отколку мажите     Фото: Reuters

Повисоката стапка на вклученост на волонтерите значи и подобра претставеност на проблемите на локалната заедница, но и ја зајакнува соработката помеѓу граѓаните, маргинaлизираните групи и властите.

„Заедно, делуваме сега“ е слоганот на програмата за волонтирање на Обединетите нации која годинава е фокусирана на солидарноста со која се нагласува „моќта на колективната хуманост да поттикне позитивни промени преку волонтерството“.

Таа порака се испраќа на 5 декември, меѓународниот ден на волонтерството за да се истакне важноста на глобално ниво.

Еден од главните предизвици и натаму е непризнаениот вложен труд, односно поголемиот дел од волонтерите се вклучени во неформалните форми на активности.

Во контекст на земјите од Западен Балкан се проценува дека ангажираните волонтери имаат високи вештини, подготвени да се вклучат во различни задачи и да го пренесат нивното искуство на проекти со вредности кои се важни за нивните локални заедници.

Жените поретко вклучени во формално волонтирање

Преку програмата за волонтирање на Обединетите нации се прибираат податоци на глобално ниво и може да се направи приближна проценка на вкупниот број на волонтери, причините за вклучување во волонтерство и главните форми на волонтирање.

Се проценува дека околу 15% од работoспособното население е вклучено во одредена неформална волонтерска активност која не подразбира злоупотреба на трудот или неплатена работа.

Исто така околу 6.5% од оваа група на луѓе на месечно ниво се вклучува во формалниот начин на волонтирање.

Повеќе од половина од волонтерите од вкупно над 800 милиони се во Азија и Пацификот, односно над половина милијарда луѓе се ангажирани во волонтерски активности, додека пак во останатите региони застапеноста е помала.

Следува Африка со над 100 милиони волонтери, Европа и Централна Азија со над 80 милиони волонтери, Јужна Америка со над 50 милиони волонтери, додека пак во арапските земји се регистрирани над 25 милиони волонтери.

Овие бројки се однесуваат на лицата кои имаат над 15 години и се вклучуваат во волонтерски активности на месечно ниво. Во зависност од формата на волонтирање и ангажманот се мери и годишната стапка на волонтерски активности која е највисока во Азија и Пацификот со 68% од популацијата, Африка со 67%, Јужна Америка со 41.4%, арапските земји со 35.5% и Европа со 34%.

Ако се погледне полот на волонтерите се доаѓа до два впечатливи заклучоци. Мажите почесто се вклучени во формалниот начин на волонтирање преку организации и здруженија, додека пак во неформалниот начин на волонтирање повеќе се застапени жените или околу 54% од вкупниот број.

Што може да се подобри?

Иако бројот на волонтери на глобално ниво не се намалил и покрај бројните кризи вклучувајќи ја и пандемијата со Ковид-19 и натаму може да се преземат повеќе мерки за поттикнување на волонтерството.

Препораките на ОН се да се препознае неформалниот вид на волонтирање и придонесот кој е вложен преку соодветни мерки за вреднување на вложениот труд.

Искуството на волонтерите може да биде добрeдојдено за креирање на нови програми за развој и соодветни мерки за социјална заштита на волонтерите, како и поддршка на иновативни идеи и социјално претприемништво.

TRT Balkan
Популарни