Светскиот ден за искоренување на сиромаштијата се одбележува на 17 октомври     Фото: AP

Ризикот од зголемување на сиромаштијата драстично порасна со високата инфлација, поскапувањето на енергенсите и храната и продолжената криза. На Светскиот ден за искоренување на сиромаштијата кој се одбележува на 17 октомври, главните проблеми со кои ќе се соочат многу семејства се енергетската сиромаштија во пресрет на зимската грејна сезона, скапите основни продукти и намалувањето на животниот стандард.

Иако се сметаше дека пред пандемијата со растот на основните приходи стапката на сиромаштија ќе се намалува, сепак сега се очекува напредокот да биде „стопен“ под налетот на кризните состојби во последните три години.

Зошто се одбележува 17 октомври?

Светскиот ден за искоренување на сиромаштијата започнува во 1987 години со масовниот собир во Трокадеро во Париз за да се даде поддршка за жртвите на екстремна сиромаштија, насилство и глад, а локацијата е одбрана како место каде во 1948 година е потпишана Универзалната деклaрација за човекови права.

Потоа со резолуција на Генералното Собрание на Обединетите Нации во 1992 година секоја година на 17 октомври се одбележува Светскиот ден за искоренување на сиромаштијата. ОН намалувањето на сиромаштијата, гладта и социјалната заштита ги постави како еден од главните приоритети во стратегијата за одржливост.

На овој ден секаде се организираат настани и конференции за засилување на мерките за намалување на сиромаштијата, поголема поддршка за ранливите групи за плаќање на сметките за струја, подобрување на енергетската ефикасност, како и програми за банки за храна и донации.

Се проценува дека околу една петтина од македонското население живее во границите на сиромаштијата. Македонската платформа против сиромаштијата (МППС) 17 октомври ќе го одбележи со повеќе настани на кои во фокус ќе биде ставена енергетската сиромаштија и поскапувањето на храната, како горливи проблеми кои треба да бидат решени.

Пандемии и војни туркаат милиони во сиромаштија

Во последните неколку години, пандемијата со Ковид-19 турна околу 150 милиони луѓе во сиромаштија, проценуваат од ОН. Економските последици на глобалната пандемија беа силно изразени во повеќе индустрии што резултираше со загуба на работни места и пропаѓање на бизнис.

Сега, по руско-украинската војна, светот повторно се соочува со повеќеслојна криза, која се одразува врз економскиот раст, а со тоа се зголемува и ризикот од зголемување на сиромаштијата.

Конфликтите на Блискиот Исток и Африка доведоа до двојно зголемување на екстремната сиромаштија во последните години, додека пак, половина од новата група на сиромашни граѓани се очекува да биде во земји од Јужна Азија и Субсахарска Африка.

Екстремните временски настани и климатските промени се очекува да ја зголемат миграцијата во регионите кои се најпогодени, а кои притоа најмалку придонесуваат во загадувањето на планетата.

Расте бројот на сиромашни и во земјите со ниски и средни доходи. Сиромаштијата во овие региони се очекува да се зголеми за 2,3 процентни поени.

TRT Balkan / агенции
Популарни