Вакцините можат да спречат над 4 милиони смртни случаи годишно истакна првиот човек на Светската здравствена организација (СЗО) објаснувајќи дека денес повеќе од 30 болести можат да се спречат со вакцини.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на отворањето на сесијата на Светското здравствено собрание (СЗО) на организацијата од 21 мај до 30 мај во Женева, потсети дека како млад во Африка, болест го зела еден од неговите браќа.
„Вакцините ги одведоа големите сипаници во заборав“, рече Тедрос.
„Но, милиони деца низ Африка и светот, деца исто како мојот брат, и понатаму умираа од болести за кои децата во други земји беа имунизирани.“
„Затоа, во 1974 година, СЗО ја започна Проширената програма за имунизација (ЕПИ), за да обезбеди сите деца, во сите земји, да имаат корист од спасувачката моќ на вакцините, првично за шест главни болести: дифтерија, пертусис, тетанус, детска парализа, сипаници и туберкулоза“, додаде тој.
Во тоа време, само околу 10 отсто од децата низ светот имале примено три дози од ДТП-вакцината.
Како резултат на ЕПИ, бројката достигна 86 отсто во 2019 година, но Тедрос истакна дека оттогаш тој процент се намалил поради прекинот предизвикан од пандемијата на Ковид-19.
„Денес, над 30 болести може да се спречат со вакцини, а ЕПИ препорачува 13 како суштински за секоја земја. Преку поддршката на СЗО на државите да обезбедат пристап до вакцини за сите деца, ние помагаме секоја година да се избегнат над 4 милиони смртни случаи“, рече тој.
„Вакцините се меѓу најмоќните иновации во историјата на човештвото.
Вакцините сега ги зголемуваат надежите за елиминирање на ракот на грлото на матката, а истовремено помагаат да се елиминира епидемијата на ебола побрзо.
За прв пат маларијата е болест која може да се спречи со вакцини“, рече Тедрос.