Следната недела Европскиот парламент (ЕП) треба да гласа дали актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, заслужува втор мандат, а дополнителен предизвик за неа би можело да биде тајното гласање во парламентот, пишува Политико.
Гласањето е закажано за 18 јули, а на Фон дер Лајен, откако ја доби поддршката од мнозинството лидери на ЕУ, ѝ требаат гласовите на најмалку 361 од 720 членови на ЕП за да обезбеди втор мандат.
Ако не ја премине таа граница, лидерите на ЕУ ќе треба да најдат алтернативен кандидат за претседател на Европската комисија, што, како оценува Политико, би било катастрофа и за кредибилитетот на блокот и за кариерата на Фон дер Лајен.
Фон дер Лајен и нејзиниот се среќаваат со што е можно повеќе европратеници, често поединечно, или зборуваат по телефон бидејќи не секоја политичка група во ЕП или национален шеф на делегација може да ги гарантира гласовите на сите свои европратеници.
„Мора да преговарате и да се надевате дека тој ќе го исполни ветувањето“, изјави неименувано лице блиско до Фон дер Лајен.
За Фон дер Лајен, тајното гласање има свои добри и лоши страни.
Од една страна, пратениците можат јавно да тврдат дека не им се допаѓа, а да прават тајни договори со неа, додека од друга страна, нема начин да се осигура дека пратениците ќе ги испочитуваат своите ветувања дека ќе гласаат за неа.
Големиот број нови европратеници, исто така, претставува голема неизвесност при гласањето во ЕП.
Европскиот парламент по изборите во јуни е поразновиден и поподелен од било кога во модерната историја на ЕУ.
Со посилна екстремна десница во ЕП, додава Политико, уште поважно е да се убедат проевропските пратеници, вклучително и оние кои никогаш претходно не стапнале во Брисел или Стразбур.
„Некои луѓе никогаш нема да гласаат за неа бидејќи не сакаат да функционира Европската унија“, изјави поранешниот претседател на Европската комисија Жозе Мануел Баросо, кој, како и Фон дер Лајен, е дел од политичката група на Европската народна партија.
Тој посочи дека членовите на Европскиот парламент се „вистински независни кога гласаат тајно“.
За да го надмине прагот од потребните 361 глас, фон дер Лајен ќе се надева дека ќе обезбеди што е можно поголема поддршка од центристичките групи кои ја поддржаа претходниот пат кога беше избрана, односно нејзината Европска народна партија, Социјалисти и Демократи, како и либералите, кои заедно имаат речиси 400 места во ЕП.
Сепак, големо прашање е што ќе направат претставниците на Браќа на Италија на премиерката Џорџија Мелони, имајќи предвид дека Мелони се воздржа при гласањето за кандидатурата на Фон дер Лајен во Европскиот совет.
Фон дер Лајен сѐ уште не се сретнала со пратениците на Европските конзервативци и реформисти, на кои им припаѓа и Браќа на Италија, а воздржаните гласови се исто како и гласовите против при гласањето во ЕП.
Исто така, дури и во центристичките групи има дисидентски делегации и пратеници.
Некои веќе отворено кажаа дека нема да гласаат за Фон дер Лајен, а други може да ја поддржат јавно и да го притиснат копчето „не“ за време на гласањето во Стразбур.
Според професорката по политички науки на Слободниот универзитет во Брисел, Натали Брак, ова е една од причините зошто гласањето во ЕП е тајно.
„Целта е пратениците на ЕП да не се соочат со притисок од нивната партија или група, па да гласаат како што сакаат. Идејата е да се зајакне автономијата на нивниот пратенички мандат“, рече таа.
Сепак, притисокот се уште е таму. Според Политико, неколку лидери на влади, партии или групи или шефови на делегации вршат притисок врз своите европратеници да ги усогласат нивните мислења, додека Фон дер Лајен не ризикува.
Таа нема да учествува на самитот на НАТО во Вашингтон оваа недела за да се фокусира, како што изјави главниот портпарол на Европската комисија, Ерик Мамер, „на нејзината работа за изградба на мнозинство за силна Европа во Европскиот парламент“.
Доколку Фон дер Лајен не обезбеди поддршка од најмалку 361 пратеник за втор мандат, Европскиот совет би имал еден месец да предложи друг кандидат за претседател на Европската комисија.
Тоа, забележува Политико, би бил исход без преседан што може да предизвика политичка криза, особено што нема друг очигледен кандидат кој би можел да добие поддршка во Европскиот совет и во Европскиот парламент.