Топлотните пумпи ќе покријат половина од глобалните потреби за греење / Photo: Reuters

Продажбата на топлотни пумпи порасна за 11 отсто минатата година на глобално ниво и за рекордни 40 отсто во Европа, покажуваат податоците објавени од Меѓународната агенција за енергија (ИЕА). Во иднина топлотните пумпи би можеле да покријат повеќе од половина од глобалните потреби за греење, се вели во еден извештај на Меѓународната агенција за енергија ИЕА.

Продажбата на топлотните пумпи, еколошки чист начин на греење, поттикната е со зголемена поддршка на политиките и поттикнувањата во светло на високите цени на природен гас и напорите да се намали емисијата на гасови со ефект на стаклена градина.

Глобалната продажба на топлотните пуми, технологијата клучна за декарбонизација на греењето на зградите, втора година по ред бележи двоцифрен раст, покажа анализата на ИЕА. Во Европа продажбата на топлотните пумпи бележи раст од 40 отсто, со три милиони продадени единици. Продажбата на моделите воздух-вода, кои се компатибилни со радијаторите и системи на подно греење, порасна за 50 отсто.

Европа е најтешко погодена со актуелната глобална енергетска криза, влошена со помали количини на достапен гас од Русија во регионот. Цените на природниот гас во Европа достигнаа рекордно високи нивоа поради пореметување во снабдувањето, што доведе до тоа регионот да ја намали потрошувачката за плин и да користи нови алтернативни извори и технологии како што се топлотните пумпи. Нивната продажба во Кина, најголемиот светски пазар на топлотните пумпи, остана иста, додека купувањето во САД го надмина купувањето на гасните печки.

Кина е најголем произведувач и извозник на оваа технологија, произведува 40 отсто од топлотните пумпи ширум светот, а најголем дел од извозот оди во Европа. Според анализата, во Австралија и Нов Зеланд топлотните пумпи од моделот воздух-воздух веќе се најчест извор на греење.

Моментално на тој начин се грее 10 отсто од зградите во светот, кај природниот гас тоа е 38 отсто, а на нафта отпаѓаат 13 отсто. Топлотните пумпи треба да покријат 20 отсто од глобалните потреби за греење во зградите до 2030 година, за да се ускладат со постоечките национални енергетски и климатски цели.

ИЕА предвидува дека светот речиси е на патот да ја достигне оваа пресвртница доколку продажбата продолжи да расте со слична брзина како во последните две години.

Продажбата на топлотните пумпи треба да расте за повеќе од 15 отсто годишно оваа деценија за да во светот постигне нето нула емисија до 2050 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни