Време е за договор, веќе не смее да се губат животи, нагласи Трамп / Photo: AA

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во вторникот дека најверојатно ќе воведе санкции против Русија, ако рускиот претседател Владимир Путин одбие да преговара за крај на војната во Украина.

Трамп ја започна својата објава на својата социјална мрежа Вистина изразувајќи ја својата љубов кон рускиот народ „кој ни помогна да ја победиме Втората светска војна со огромни жртви“.

Тој, исто така, повтори како негувал добри односи со Путин,а потоа почнаа заканите:

„Сопрете ја оваа смешна војна која никогаш не би се случила кога јас би бил претседател. Само ќе се влоши. Ако не постигнеме договор наскоро, нема да имам друг избор освен да воведам високи даноци и тарифи и строги санкции за сè што Русија ќе им продаде на САД и на другите земји“, напиша Трамп.

„Време е за договор. Веќе не смее да се губат животи“, нагласи Трамп.

Трамп не даде детали за можни дополнителни санкции. Рускиот одговор набрзо пристигна.

Интерфакс пренесува дека рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјавил дека Москва гледа мал простор за преговори со администрацијата на Трамп.

„Не можеме да кажеме ништо денес за нивото на капацитетот на новата администрација за преговори, но сепак, во споредба со безнадежноста во секој поглед на претходниот шеф на Белата куќа, денес има простор, иако мал“, изјави Рјабков, кој додаде:

„Важно е да се разбере што и со кого ќе треба да се справиме, како најдобро да изградиме односи со Вашингтон, како најдобро да ги максимизираме можностите и да ги минимизираме ризиците“, рече тој во говорот на Институтот за американски и канадски студии во Москва.

Трамп рече дека неговата администрација, исто така, размислува да испрати оружје во Украина, додавајќи дека Европската унија треба да направи повеќе за да ја поддржи Украина, да плати повеќе и да ги израмни трошоците.

„Се подготвуваме за тоа, веќе разговаравме со Зеленски, наскоро ќе разговараме и со Путин. А потоа ќе видиме како ќе испадне, но морам да им спомнам нешто на нашите европски партнери. Мислам дека Унијата треба да учествува малку повеќе во финансирањето на украинската одбрана, засега - само поради Бајден - даваме многу повеќе отколку тие. Мислам, не сме глупави, знаеме да броиме“, рече Трамп.

Тој додаде дека Путин ја „уништува Русија“ со тоа што одбива да преговара за крај на војната со Украина.

Трамп, исто така, рече дека извршил притисок врз кинескиот претседател Кси Џинпинг да повика на интервенција за да се запре војната во Украина.

„Тој не направи многу за тоа, и има многу моќ, исто како и ние“, рече Трамп и додаде: „Реков: треба да го решите. Разговаравме за тоа“.

Соединетите Држави веќе строго ја санкционираа Русија за нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година.


TRT Balkan / агенции
Популарни