Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД) ја водат „куп радикални лудаци“ и дека со неа лошо се управува, како и оти ќе ги избрка надвор од агенцијата додека не се донесе одлука за нејзината иднина.
Трамп во неделата го пофали шефот на Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ) Илон Маск за суспензијата на двајца врвни безбедносни функционери на УСАИД, откако тие се обидоа да го спречат ДОГЕ да пристапи до системите на агенцијата.
Американскиот претседател рече дека нема секогаш да ги слуша советите на Маск за намалување на трошоците во федералната влада.
Маск сепак утринава изјави дека УСАИД ќе биде затворена, а Трамп се согласил со него за тоа.
Во меѓувреме, Маск на платформата Х напиша дека УСАИД е „криминална организација“.
Администрацијата на Трамп бара правни патишта кои претседателот би можел да ги искористи за да потпише извршна наредба со која ќе се стави крај на независноста на УСАИД.
Трамп неодамна потпиша извршна наредба за замрзнување на странската помош на три месеци и им нареди на функционерите да ги прегледаат сите програми за да се осигураат дека се во согласност со неговата визија за надворешната политика на САД.
Неодамна во медиумите се појави информација дека Трамп размислува за спојување на УСАИД со Стејт департментот.
УСАИД испраќа помош до заедниците погодени од конфликти и им помага на земјите во развој во многу аспекти.
Демократите го критикуваа Трамп за откривањето на плановите за спојување на УСАИД со Стејт департментот, истакнувајќи дека агенцијата е „независна институција по статут“.