Столтенберг, Фон дер Лајен и Мишел ја поздравија воената помош што ја најавија Франција и Германија за Украина / Photo: AA

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, денеска во седиштето на НАТО во Брисел ја потпишаа третата заедничка декларација меѓу овие две организации за помош на Украина.

Столтенберг, Фон дер Лајен и Мишел ја поздравија воената помош што ја најавија Франција и Германија за Украина.

„Ги поздравувам новите најави од САД, Германија и Франција дека ќе испратат нови видови оклопни борбени возила. Особено е важно за тоа оружје да биде обезбедена и соодветна муниција и да бидат обезбедени резервни делови, обука и систем на одржување“, изјави Столтенберг на прес-конференција.

Заедничката декларација има за цел да ја зајакне соработката и координацијата по руската инвазија на Украина, која како што се вели во документот го поткопа европскиот безбедносен поредок.

Според Столтенберг, декларацијата потврдува дека НАТО останува основа на заедничката одбрана и клучна организација за евроатлантската безбедност. НАТО и ЕУ како што рече тој го подигнуваат партнерството на повисоко ниво имајќи ги предвид заканите и предизвиците кои стануваат се поголеми.

„Режимот во Москва сака поинаква Европа, сака да ги контролира сите свои соседи, а за нив демократијата и слободата се закана, а тоа ќе има долгорочни последици за нашата безбедност. Затоа мораме да ги прошириме виталните трансатлантски НАТО односи и партнерство меѓу ЕУ и НАТО и нашата поддршка за Украина“, изјави генералниот секретар на Алијансата.

Тој ги повика сите земји-членки на ЕУ кои не се членки на НАТО пактот да се приклучат на сите заеднички иницијативи.

Столтенберг се надева Финска и Шведска наскоро ќе го завршат процесот за влез во НАТО. Но, тој исто така изјави дека Туркије, која сè уште не го ратификувала членството на Шведска и Финска во НАТО, има легитимни безбедносни грижи.

“Овој наш сојузник претрпе најмногу терористички напади и треба да се поздрави што Финска и Шведска работат на тоа со нашиот турски сојузник“, рече Столтенберг.

Шарл Мишел нагласи дека Русија не ги остварила очекувањата дека војната во Украина ќе доведе до разединување на земјите-членки на ЕУ и НАТО и дека се случило спротивното.

„Путин сакаше да има помалку НАТО и помалку ЕУ, но се случи спротивното - повеќе НАТО и повеќе ЕУ. ЕУ исто така станува посилна и го забрзуваме процесот на проширување со Западен Балкан, а исто така донесовме историска одлука да да им се даде статус на кандидат за ЕУ ​​перспектива на Украина, Молдавија и Грузија“, рече Мишел.

TRT Balkan / агенции
Популарни