Извозот и увозот за шест производи паднаа значително под нивото пред руската инвазија. / Photo: AA

Русија ги чувствува последиците од санкциите кои ги воведе Европската Унија (ЕУ), а според анализите на европската агенција за статистика Евростат, ефектите од мерките кои се однесуваат на неколку производи се особено видливи последните месеци. Трговијата на ЕУ со Русија беше силно погодена по руската инвазија на Украина, при што ЕУ воведе ограничувања за увоз и извоз на неколку производи.

Шест клучни производи

Според Евростат, извозот и увозот паднаа значително под нивото пред руската инвазија. Уделот на Русија во увозот надвор од ЕУ земјите падна од 6,4 отсто на 3,8 отсто помеѓу февруари 2022 година и септември 2022 година. Во истиот период, извозот од ЕУ во Русија се намали од 2,3 отсто на 1,1 отсто.

Трговскиот дефицит на ЕУ со Русија го достигна врвот во март 2022 година на 19,6 милијарди евра. Потоа прогресивно се намалуваше и во септември 2022 година изнесуваше 9,7 милијарди евра.

Во анализата на Евростат се опфатени шест клучни производи. Притоа е констатирано дека кај шесте клучни производи е видлив пад во уделот на Русија во увозот кој се однесува на земјите надвор од ЕУ.

Тоа е случај со јагленот, природниот гас, нафтата, ѓубривата, железото и челикот, додека кај никелот уделот благо се зголемува. Најголем пад е регистриран кај јагленот, од 45 отсто во 2021 година на 13 отсто во третиот квартал од 2022 година.

За двојно е намален увозот и на природниот гас, односно од 36 на 18 отсто. Ѓубривата се паднати за 12 отсто, од 29 отсто на 17 отсто, додека кај железото и челикот падот е 11 отсто, од 16 отсто на пет отсто.




TRT Balkan / агенции
Популарни