Прослава на поддржувачите на претседателот Саид по референдумот во Тунис     Фото: Reuters

Гласачите на референдумот во Тунис со огромно мнозинство го поддржаа новиот устав што му дава на претседателот Каис Саид речиси целосни овластувања, но учествуваа само над една четвртина од гласачите со право на глас, соопшти избирачкиот одбор.

Според државната изборна комисија на Тунис од регистрираните 9,3 милиони гласачи околу 27.5% излегле на денот на референдумот, и според досега обработените ливчиња околу 92% гласале позитивно за предложените уставни измени.

Граѓаните на Тунис ги очекуваат конечните резултати од референдумот со кој се предвидени измени на Уставот за зголемување на ингеренциите на шефот на државата.

Референдумот се одржа една година откако претседателот Саид ја презеде контролата врз Тунис и ја суспендираше работата на Парламентот. Опозицијата го обвини за државен удар, и побара од гласачите да го бојкотираат референдумот со кој стравуваат дека Тунис се движи кон диктатура под раководство на Саид.

Со уставните измени ќе се зголеми моќта во рацете на претседателот на Тунис     Фото: Reuters

Во меѓувреме поддржувачите на претседателот ја прославија речиси извесната победа на опцијата „ЗА“ на референдумот.

Саид во обраќањето пред симпатизерите порача дека Тунис влегува во нова фаза и дека излезноста ќе била поголема доколку гласањето траело два дена.

Следен негов чекор ќе биде промена на изборниот законик со кој ќе се промени системот воведен во 2011 година, направен веднаш по соборувањето на долгогодишниот претседател Бен Али и почетокот на „Арапската пролет“.

Сепак, критичарите на Саид сметаат дека ваквиот чекор ќе значи повторна концентрација на моќ во рацете на еден човек. Но, дел од граѓаните ги поздравуваат одлуките на Саид, исцрпени од политичка и безбедносна нестабилност, како и надојдената економска криза.

TRT Balkan / агенции
Популарни