Украинскиот претседател Владимир Зеленски потврди дека неговата земја ја примила првата серија борбени авиони Ф-16 за време на церемонијата на одбележување на Денот на воздухопловните сили на непозната локација.
„Одржавме стотици состаноци и преговори за зајакнување на капацитетите на нашата авијација, противвоздушната одбрана и одбранбените сили. Честопати го слушавме зборот 'невозможно' како одговор, но го овозможивме тоа што беше наша амбиција, наша одбранбена потреба, а сега - тоа е реалност на нашето небо. Ф-16 во Украина. Тоа го обезбедивме“, рече Зеленски на церемонијата.
Тој истакна дека Украина постигнала значителен напредок во транзицијата на своите воздухопловни сили кон западните стандарди на борбена авијација.
Зеленски додаде дека со своите партнери разговарал за потребата „да се затвори украинското небо за руски ракети и авиони“.
„Горд сум на сите наши момчиња што вешто ги управуваат овие авиони и кои веќе почнаа да ги користат за нашата земја“, рече Зеленски, заблагодарувајќи им се на сите партнери на Украина за нивната поддршка, особено на Данска, Холандија и на САД.
Во изјавата тој не прецизираше колку Ф-16 ѝ се испорачани на Украина во првата серија.
Со месеци Украина бара од своите меѓународни партнери за Киев што побрзо да ги набават борбените авиони Ф-16 и системите за противвоздушна одбрана колку што е можно поскоро за да можат трупите на земјата да ја подобрат својата способност да ги одбијат руските воздушни напади.
Во октомври 2023 година Данска најави дека заедно со Холандија и САД ќе ја предводи коалицијата на меѓународните воздухопловни сили за да ја поддржи Украина во „создавањето комплетен капацитет за борбените авиони Ф-16“.
Најавата дојде откако Холандија и Данска во август 2023 година се обврзаа дека на Украина ќе ѝ пратат авиони Ф-16.