Украина нема да ги прифати условите за почеток на преговорите за завршување на војната што ги претстави рускиот претседател Владимир Путин, изјави советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Михаило Подољак.
Тој го отфрли предлогот на Путин, оценувајќи дека тоа не е сериозен обид за постигнување мировен договор и дека не е релевантен за никакви преговори.
Подољак додаде за Ројтерс дека „нема можност да се најде компромис“ меѓу изјавите на Путин и условите за крај на војната што ги претстави Украина.
Претходно денеска Путин изјави дека Украина мора да ги повлече своите трупи од целата територија на новите руски региони и да се откаже од намерата да влезе во НАТО за да започнат мировните преговори.
Тој изјави дека украинските војници ќе мора да се повлечат од територијата на Луганската Народна Република, Доњецката Народна Република, Керсон и Запорожјската област.
„Штом Киев ќе изјави дека е подготвен за таква одлука и ќе започне со вистинско повлекување на трупите од овие региони, а исто така и официјално ќе информира за откажување од плановите за влез во НАТО, веднаш ќе следи, буквално во истиот момент, наредба од наша страна да се прекине огнот и да се започнат преговори, повторувам, тоа ќе го направиме веднаш“, рече Путин.
Тој додаде дека на Москва и е потребен неутрален, неблокски, ненуклеарен статус на Украина за мирно решение.
Путин ги постави условите во пресрет на мировната конференција во Швајцарија, на која Русија не беше поканета.
Викендов на самитот во Швајцарија, на кој ќе присуствуваат претставници на повеќе од 90 земји и организации, се очекува да се избегнат територијалните прашања и наместо тоа да се фокусираат на прашања како што се безбедноста на храната и нуклеарната безбедност во Украина.
Кремљ соопшти дека средбата ќе се покаже „залудна“ без руски претставник.