Украина ја презеде контролата врз пет стратешки важни компании со цел да гарантира доволно резерви за својата војска и за одбрана од руската „специјална воена операција“ започната против Киев. Властите ја оправдуваат одлуката повикувајќи се на законите кои стапуваат на сила за време на воена состојба и
„Денес е објавена одлука за одредени украински претпријатија. Оваа одлука е диктирана од воената неопходност и беше договорена во Штабот на Врховниот командант. Пет стратешки компании се присилно отуѓени за воени потреби“, соопшти украинскиот претседател Владимир Зеленски доцна синоќа за време на обраќањето до нацијата.
Преземените компании се „Мотор сич“, „КрАз“, „Укрнафта“, „Укрататнафта“ и „Запорожтрансформатор“, за кои Зеленски рече дека сите ќе работат во помагање на борбата на Украина против Русија.
„Сега сите тие ќе работат за одбранбени цели, како што се поправка и производство на опрема, обезбедување на одбранбените сили и обновување на нашата инфраструктура. Ова е сложена задача што може да се постигне само преку системот на воено-државно управување“, нагласи Зеленски.
Украинскиот претседател истакна и дека не исклучува слични одлуки во иднина.
Одлуката се заснова на украинскиот закон усвоен во септември „за трансфер, присилно отуѓување или одземање на имот според правните рамки на воената состојба или вонредната состојба“, објави украинскиот пратеник Јарослав Железњак на Телеграм.
Железњак, исто така, истакна дека процедурите за компензација постојат и за запленетите компании, при што целосниот надомест на вредноста на компаниите ќе се изврши „во пет последователни буџетски периоди“.
Како што јави „Киев Индипендент“, украинскиот министер за одбрана, Олексиј Резников, истакнал дека потегот е одлука во услови на војна, а не „национализација“ на споменатите компании, и додаде дека сите компании ќе бидат вратени на нивните сопственици по укинувањето на воената состојба.