„Унгарија ќе стави вето на сите санкции на Европската унија против Русија кои влијаат на нуклеарната енергија“, изјави премиерот Виктор Орбан во петокот на државното радио.
Украина ја повика Европската унија (ЕУ) да ја вклучи руската државна нуклеарна компанија Росатом во санкциите, но Унгарија, која поседува нуклеарна електрана што ја изгради Русија и планира да се прошири со Росатом, тоа го блокираше.
Орбан во интервјуто повтори дека на санкциите на нуклеарна енергија „очигледно мора да стави вето“.
„Нема да дозволиме да се спроведе планот нуклеарната енергија да се вклучи во санкциите. Тоа не доаѓа во предвид“, изјави унгарскиот премиер.
Унгарија, членка на ЕУ, постојано ги критикуваше санкциите на ЕУ против Русија поради нејзината инвазија на соседна Украина, велејќи дека тие не успеале значително да ја ослабат Русија додека ризикуваат да ја уништат европската економија.
Западот не воведе санкции на Росатом откако Русија ја нападна Украина.
Унгарската нуклеарна електрана Пакс има четири мали руски реактори VVER 440, со вкупна сила близу 2.000 мегавати, кои почнаа со работа помеѓу 1982 и 1987 година.
Таа произведува близу половина унгарска енергија, а електраната го добива своето нуклеарно гориво од Русија.
Според договорот потпишан во 2014 година, со Русија, Унгарија има за цел да ја прошири електраната во Пакс со два VVER реактори од руско производство со капацитет 1,2 гигавати по реактор.