Најмалку 11 деца загинаа кога армиски хеликоптер на Мјанмар отвори оган врз училиште во Лет Ет Коне на 16 септември, соопшти Меѓународниот фонд за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ)
„Најмалку 11 деца загинаа во неселективен оган отворен на 16 септември во областа Сагаинг, Мјанмар, каде што се наоѓаше и училиштето“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на УНИЦЕФ.
УНИЦЕФ повикана ослободување на децата кои се водат како исчезнати.
„Најмалку уште 15 деца од истото училиште се исчезнати. УНИЦЕФ повикува на нивно итно ослободување и преместување на безбедно место. Училиштата треба да бидат безбедни. Децата никогаш не треба да бидат напаѓани“, се вели во соопштението на УНИЦЕФ.
Локалните медиуми вчера јавија дека во споменатите напади загинале најмалку шест деца, а ранети се 17 лица.
На 1 февруари 2021 година, армијата на Мјанмар изврши државен удар и ја презеде власта во земјата. Армијата прогласи едногодишна вонредна состојба и ги уапси владините лидери, вклучително и Аунг Сан Су Чи.
Според Здружението за помош на политички затвореници (ААПП), повеќе од 1.900 луѓе биле убиени, а повеќе од 10.000 биле уапсени во интервенциите на армијата на Мјанмар против групи и поединци кои се спротивставиле на пучот. Воените судови во Мјанмар осудиле на смрт 114 политички затвореници, меѓу кои и двајца малолетници.
Масовниот егзодус на народот Рохинџа започна на 25 август 2017 година, откако војската на Мјанмар започна брутална операција против муслиманското малцинство во северниот регион на земјата.
Оттогаш, околу 1,2 милиони Рохинџи побегнаа во соседен Бангладеш и сега живеат во катастрофални услови, вклучително и во бегалскиот камп Кокс Базар.