Над 100.000 деца се погодени од силниот земјотрес што го погоди Мароко минатиот петок, соопшти Агенцијата за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ).
„Иако УНИЦЕФ сè уште не го знае точниот број на убиени и повредени деца, најновите проценки од 2022 година покажуваат дека децата претставуваат речиси една третина од населението во Мароко“, се вели во соопштението на агенцијата.
Повеќе од 300.000 луѓе се погодени во Маракеш и во планините по земјотресот со јачина од 6,8 степени, според проценките на ОН.
Над 2.800 луѓе загинаа, вклучително и деца, а илјадници други се повредени, соопшти Министерството за внатрешни работи на Мароко.
Властите стравуваат дека овие бројки веројатно само ќе се зголемат.
Геолошкиот институт на САД (USGS) соопшти дека епицентарот на земјотресот, кој се случил нешто по 23 часот по локално време (22:00 часот по Гринич), бил на 75 километри југозападно од Маракеш, на длабочина од 18,5 километри.
Во Маракеш, место прогласено за светско наследство од УНЕСКО, беше забележана огромна штета од смртоносниот земјотрес.
Најсилниот земјотрес во минатиот век
Спасувачките тимови вчера продолжија со потрагата по исчезнатите лица затрупани под урнатините трет ден по разорниот земјотрес.
Неколку странски спасувачки тимови веќе пристигнаа во земјата за да се приклучат на спасувачките напори за преживеаните.
Мароко досега ги прифати понудите за помош од Шпанија, Обединето Кралство, Катар и Обединетите Арапски Емирати.
Во неделата, мароканската влада отвори специјална сметка во трезорот и Централната банка на Мароко за да прима донации за жртвите од земјотресот.
Според Националниот геофизички институт на Мароко, земјотресот бил најсилниот што ја погодил северноафриканската земја во минатиот век.