Армијата на Јужна Кореја денеска соопшти дека ги суспендира сите активности на парламентот на земјата, како и дека на пратениците им е забранет влезот во зградата на парламентот.
Видеата објавени на јужнокорејските социјални мрежи покажаа голем број тешко вооружени полицајци во близина на зградата на парламентот во областа Јеонгдеунгпо во Сеул.
Јужнокорејскиот претседател Џун Сук Јеол претходно денеска прогласи воена состојба со цел да се искоренат „просевернокорејските сили“ и да се одржи уставниот поредок, а опозицијата во таа земја изрази противење на таа одлука, посочувајќи дека таа е неуставна.
Јеол рече дека „нема друг избор“ освен да прибегне кон таква мерка и посочи дека опозициските партии „ги зеле во заложништво парламентарните процеси“ за да ја вовлечат Јужна Кореја во криза.
Тој не кажа какви конкретни мерки ќе бидат преземени.
Лидерот на опозициската Демократска партија, Ли Џе Мијунг, оцени дека прогласувањето на воена состојба е неуставна и ги повика сите пратеници од опозицијата да дојдат во зградата на парламентот, нагласувајќи дека собранието ќе се обиде да ја отповика одлуката на Јеол, но и додаде дека Армијата најверојатно ќе се обиде да уапси некои пратеници.
Претседателот на владејачката партија Народна моќ, чиј член е Јеол, Хан Донг Хун, исто така рече дека ќе се обиде да ја блокира одлуката на Јеол, нарекувајќи ја погрешна.
Според јужнокорејскиот закон за воена состојба, Владата мора да го повлече ако мнозинството во собранието побара да се гласа за него.
Законот не предвидува укинување на пратеничкиот имунитет.