Велика Британија ги евакуира барателите на азил од контроверзната баржа

Велика Британија ги евакуира барателите на азил од контроверзната баржа

Првата група баратели на азил беше сместена на транспортната баржа во понеделникот
Велика Британија ги евакуира барателите на азил од контроверзната баржа / Photo: AA

Надлежните служби во Велика Британија ги евакуираат барателите на азил од контроверзната баржа „Боби Стокхолм“ откако во водата беше пронајдена бактеријата легионела.

Иако мигрантите ја користеле водата на бродот, ниту еден од нив досега не покажал никакви симптоми, но превентивно биле изнесени од баржата, пренесе „Би-би-си“.

Трагите од бактеријата која може да предизвика легионерска болест, еден вид пневмонија, беа пронајдени по рутинско тестирање пред мигрантите да се качат на баржата закотвена во пристаништето Портланд во Дорсет на југозападниот дел на земјата.

Сепак, резултатите стигнале дури откако мигрантите се префрлиле на баржата.

Првата група баратели на азил беше сместена на транспортната баржа во понеделникот.

Во извештајот се наведува дека Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (UKHSA) препорачала понатамошно тестирање на водоснабдувањето.

Контроверзниот план има за цел да смести до 500 мажи, на возраст од 18 до 65 години, на пловечката баржа и таму да ги чекаат резултатите од нивните барања за азил. Планот беше жестоко критикуван од организациите за заштита на човековите права, а Владата на Велика Британија тврди дека ваквото решение е многу поевтино од хотелското сместување за барателите на азил.

TRT Balkan / агенции
Популарни