Судот во Венецуела издаде налог за апсење на опозицискиот претседателски кандидат Едмундо Гонзалес, откако тој во три наврати одби да се појави пред судот за да сведочи за активностите на веб-страницата на која се објавени наводните резултати од изборите во таа земја.
Веб-страницата е под истрага затоа што, според судот, служи за поткопување на „авторитетот на изборното тело“, кое објави дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро добил нов мандат на изборите на 28 јули, но не ги објави резултатите од гласањето.
Според веб-страницата, објавено е дека Гонзалес победил „убедливо“.
Издавањето налог за апсење на Гонзалес го осуди САД, а главниот советник на бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, Селсо Аморим, потегот го оцени како „загрижувачки“ и „погрешен“.
Гонзалес минатата недела во Брисел се сретна со министрите за надворешни работи на 27-те земји членки на Европската унија.
По претседателските избори во Венецуела, одржани на 28 јули, претседателот Николас Мадуро прогласи победа и го започна својот трет претседателски мандат, а опозицијата ги оспорува резултатите, наведувајќи дека нивниот кандидат Едмундо Гонзалес победил убедливо.
Врховниот суд на Венецуела минатата недела потврди дека Мадуро победил на претседателските избори, наведувајќи дека резултатите од гласањето објавени на интернет, според кои Мадуро изгубил, се лажни.
Гонзалес не учествуваше во преиспитувањето на гласањето, изјавија судиите на Врховниот суд, обвинувајќи го опозицискиот кандидат дека се обидува да шири паника.
Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел, на 31 јули изјави дека ЕУ нема да ги признае резултатите од претседателските избори во Венецуела, додека не се објават деталните резултати и записниците.