Генералниот секретар на Парламентот соопшти дека Викремесинге, освојувајќи 134 гласа во 225-члениот Парламент, е избран за нов претседател на земјата    Фото: Ројтерс

Вршителот на должноста претседател на Шри Ланка, Ранил Викремесинге, денеска е избран за нов претседател на земјата која се бори со најтешката финансиска криза во својата историја.

Генералниот секретар на Парламентот соопшти дека Викремесинге, освојувајќи 134 гласа во 225-члениот Парламент, е избран за нов претседател на земјата. Претходно утрово Парламентот гласаше за избор на нов претседател.

Вкупно 219 гласа се прогласени за валидни, четири гласа се прогласени за неважечки, додека двајца пратеници се воздржаа од гласање. Во трка за нов претседател беа тројца кандидати.

Вршителот на должноста претседател на Шри Ланка, Ранил Викремесинге, се соочи со кандидатите Дулас Алахаперума и Анура Кумара Дисанајаке, поддржани од опозицијата.

Алахаперума, кој освои 82 гласа, е поранешен министер за образование и дисидент од партијата Подујана Перамуна, која е под контрола на поранешниот претседател Готабаја Раџапакса. Раџапакса побегна од земјата и поднесе оставка минатата недела поради масовните протести.

Третиот кандидат беше Анура Кумара Дисанајаке од партијата Национална народна моќ, која има само тројца членови во Парламентот. Дисанајаке освои вкупно три гласа.

Минатата недела премиерот Ранил Викремесинге положи заклетва како вршител на должноста претседател на земјата откако Раџапакса избега од земјата. Парламентот потоа го започна процесот за избор на нов претседател.

Раџапакса побегна во Сингапур од Малдивите. Тој избега од Шри Ланка откако илјадници демонстранти упаднаа во Претседателската палата во главниот град Коломбо и ја запалија куќата на премиерот.

Жителите на Шри Ланка ја обвинуваат политичката династија Раџапакса за кризата. Братот на Раџапакса, Махинда, поднесе оставка како премиер во мај.

Осакатена од недостигот на девизни резерви по колапсот на нејзината економија зависна од туризмот, островската држава која брои 22 милиони жители не успеа да го подмири целиот свој надворешен долг.

Не можеше да плати за храна, горива и други основни продукти, а недостигот на горива, пак, доведе до продолжени дневни прекини на електричната енергија. Училиштата се затворени, а државните службеници побараа да работат оддома.

Владата преговара со Меѓународниот монетарен фонд за спасувачки пакет, но досега не е финализиран договор.

AA
Популарни