Холандскиот екстремно десничарски политичар Герт Вилдерс во средата изјави дека нема доволно поддршка за да стане премиер на земјата.
„Можам да станам премиер само ако сите партии во коалицијата го поддржат тоа. Тоа не беше случај“, напиша Вилдерс на платформата X.
Тој го изјави ова по извештаите дека не успеаја напорите да се формира нова влада со Вилдерс на чело.
Тој подоцна изјави дека еден ден „тој сепак ќе стане премиер на Холандија, со поддршка од уште повеќе Холанѓани“.
„Ако не утре, тогаш задутре. Ќе се слушне гласот на милиони Холанѓани!“, рече тој.
Над 10,4 милиони гласачи гласаа на 22 ноември на изборите за членови на 150-члениот холандски парламент.
Екстремно десничарската исламофобна Партија на слободата (ПВВ) на Вилдерс освои 37 места, по што следи ГроенЛинкс-ПвдА, коалиција предводена од поранешниот извршен потпретседател на Европската комисија, Франс Тимерманс, со 25 места.
Во обид да ја ублажи својата претходна реторика, Вилдерс ја изрази својата желба да биде премиер за сите, без разлика на етничкото потекло или религијата, во изјава за јавниот радиодифузен сервис НОС.
Тој изрази надеж дека би можеле да постигнат договор во коалициските преговори со другите партии.
Во претходните години партијата ПВВ во својата партиска програма ветуваше дека ќе ги затвори џамиите во земјата, ќе го забрани Куранот и ќе ги укине дозволите за престој на барателите на азил.