Италијанската премиерка Џорџа Мелони денес го отвори Самитот на групата Г-7 во Италија на кој ќе се разговара за глобалните прашања, вклучително и конфликтите во Украина и на Блискиот Исток.
Мелони ги пречека лидерите на земјите од Г-7 и на Европската Унија по нивното пристигнување во градот Борго Егнација, Југоисточна Италија. Се очекува на Самитот да дојдат и други светски лидери поканети од Италија, меѓу кои и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и индискиот премиер Нарендра Моди.
Во својот воведен говор на првата сесија Мелони ја истакна важноста на дијалогот со народите на глобалниот југ.
„Италијанското претседавање, исто така, одлучи да посвети посебно внимание на друг континент, кој е фундаментален за иднината, а тоа е Африка, со нејзините можности. И ова бара поинаков пристап отколку што покажавме во минатото“, рече таа.
Истакна дека во овој контекст ќе се разговара и за миграциските прашања.
Групата Г-7, составена од Соединетите Американски Држави (САД), Германија, Франција, Велика Британија, Италија, Канада и Јапонија, со присуство на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе разговара и за прашања поврзани со Азиско-пацификот регион, климатските промени, енергетиката и вештачката интелигенција.
Ердоган ќе присуствува на Самитот утре.