Во Шпанија 2022 година беше најтопла година од 1916 година, кога почнаа мерењата, соопшти Националната метеоролошка агенција (АЕМЕТ).
Агенцијата ја објави информацијата на Твитер, истакнувајќи дека тоа е „првпат просечната годишна температура да надмине 15 степени Целзиусови“ и достигна речиси 15,5 степени.
„Се до 2011 година температурата не надминала 14,5 степени. Потоа, тоа се случило петпати“, додаде АЕМЕТ.
По 2022 година, две најтопли години беа 2017 и 2020 година. Шпанија, како и дел од Европа во летото 2022 година, ја зафатија неколку топлотни бранови одбележани со пожари, прекумерен број на смртни случаи и поголема суша.
„Првпат два последователни годишни периода во истата година (лето и есен) беа најтопли во низа“, истакна АЕМЕТ во извештајот.
Смртта на речиси 4.744 луѓе во Шпанија може да се припише на топлотниот бран што преовладуваше во летото 2022 година, покажува проценката на прекумерна смртност која ја објави Институтот за јавно здравје.
Во пожарите во Шпанија 2022 година, изгореа повеќе од 300.000 хектари, што е највеќе од почетокот на мерењата, наведува Европскиот систем за информирање на шумските пожари (ЕФФИС).
„Со оглед на количината на дождот измерена до 15 декември, може да се каже дека тоа беше трета најсушна година во историската низа“ истакнува АЕМЕТ во извештајот.
Исклучително топлото време продолжува и во 2023 година, со оглед на фактот дека за Нова година е измерена рекордно висока температура во неколку градови на северот на земјата.
Така во Билбао се измерени 25,1 степен, што е најголема досега забележана температура во јануари.
И во остатокот на Европа летото во 2022 година беше најтопло досега, соопшти европската служба за климатски промени Коперникус.