Американските власти ја истражуваат потенцијалната поврзаност помеѓу експлозијата на сајбертракот и нападот со пикап во Њу Орлеанс / Photo: Reuters

Возачот на сајбертрак Тесла, кој експлодираше пред хотелот Трамп Интернационал во Лас Вегас доцна во средата, е идентификуван како 37-годишниот Метју Ливелсбергер од Колорадо Спрингс.

Во експлозијата загина возачот, а седум случајни минувачи се повредени.

Федералното биро за истраги (ФБИ) во моментов врши претреси на локации за кои се знае дека престојувал Ливелсбергер.

Медиумите го идентификуваа осомничениот како воен ветеран, припадник на специјалната единица „Зелени беретки“ и кој работел на мали системи за беспилотни авиони, иако неговиот идентитет останува непотврден од официјални лица.

Според непроверениот профил на ЛинкедИн, кој во меѓувреме е избришан, осомничениот служел 19 години во американската армија, вклучувајќи ги и улогите како специјалист за комуникации на специјалните сили и специјалист за разузнавање.

Профилот покажува дека дипломирал на Универзитетот Норвич, приватен воен колеџ во Вермонт.

Американските власти ја истражуваат потенцијалната поврзаност помеѓу експлозијата на сајбертракот во Лас Вегас и нападот со пикап во Њу Орлеанс, во кој загинаа најмалку 15 лица.

Нападот во Њу Орлеанс го изврши 42-годишниот американски воен ветеран Шамсуд Дин Џабар, од Тексас. Осомничениот убиец со изнајмен пикап влетал во луѓето кои ја славеле Новата година во познатиот „Француски кварт“ во Њу Орлеанс, при што загинаа најмалку 15 лица, а 35 се повредени.

Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, исто така предложи можна поврзаност помеѓу двата инциденти, при што двете возила наводно се изнајмени преку иста апликација.

TRT Balkan / агенции
Популарни