Вртоглавата инфлација во светот, главно предизвикана од инвазијата на Русија во Украина, го зголеми бројот на сиромашни во светот за дополнителни 71 милион луѓе, соопшти Програмата на Обединетите нации за развој (УНДП).
УНДП проценува дека како резултат на растечките цени на храната и енергијата, кои се кренаа од почетокот на руската инвазија во Украина, над 51,6 милиони луѓе живеат со приходи од 1,90 долари дневно или помалку додека додатни 20 милиони луѓе се на граница на сиромаштија, со примања од 3,20 долари дневно.
Балканот како жариште
Поради тоа, сега, според податоците од Светска Банка, вкупно 9 отсто од светската популација е сиромашна или околу 690 милиони луѓе.
„Анализата на 159 земји во развој на глобално ниво покажува дека скоковите на цените на клучните производи веќе имаат непосредни и погубни влијанија врз најсиромашните домаќинства, со јасни жаришта на Балканот, земјите во регионот на Каспиското Море и Субсахарска Африка (особено регионот Сахел)“, проценува УНДП.
Во земјите со ниски приходи, семејствата трошат 42 отсто од приходите во своите домаќинства на храна, но по санкциите кои западните земји ги воведоа кон Русија, пораснаа цените на горивата и основните прехранбени производи, како пченката, шеќерот и маслото за јадење.
„Невидените скокови на цените значат дека за многу луѓе ширум светот, храната што можеа да си ја дозволат вчера, денес веќе не е достапна“, вели челникот на УНДП, Аким Штајнер.
„Оваа криза на трошоците за живот доведува милиони луѓе во сиромаштија, па дури и гладување со неверојатна брзина и со тоа, заканата од зголемени социјални немири расте од ден на ден“, оценува тој.
Поголема криза и од онаа во пандемија
Блокираните пристаништа во Украина и неможноста земјата да извезува житарки во земјите со ниски приходи дополнително ги кренаа цените, туркајќи десетици милиони луѓе во сиромаштија.
Брзината со која луѓето влегоа во сиромаштијата ја надмина кризата која ја предизвика пандемијата од коронавирусот (Ковид-19).
УНДП оцени дека 125 милиони луѓе влегле во сиромаштија во текот на 18 месеци карантин и затворање поради пандемијата, додека 71 милион луѓе станаа сиромашни во само три месеци по руската инвазија врз Украина кон крајот на февруари.