Војници во Нигер доцна синоќа на националната телевизија објавија соборување на претседателот Мохамед Базум.
Нарекувајќи се Национален совет за заштита на татковината, војниците прочитаа изјава за пучот, а снимката е емитувана на државната телевизија ОРТН.
„Базум е соборен од власт, а Уставот е суспендиран поради влошувањето на безбедносната ситуација и општествено-економската криза низ која минува земјата“, се наведува во изјавата на полковник-мајорот Амаду Абдраман.
Во соопштението се вели дека ќе биде воведен полициски час во периодот од 22 до 5 часот наутро и дека сите граници се затворени.
Претседателот Базум утрово е приведен од припадници на претседателската стража.
Граѓаните излегоа на улиците за да го спречат пучот и повикаа на ослободување на Базум.
Наводно, зад пучот стоел генералот Омар Чајни, кој бил командант на претседателската гарда околу 10 години.
Се наведува дека Базум неодамна сакал да го смени Чајни, кој бил на истата функција и за време на претходниот претседател Махамаду Исуфу.
„Во Нигер е во тек обид за државен удар. Овој чин на офицерите има цел да ги доведе во прашање нашата тешко стекната слобода, нашата демократија и стекнат напредок“, објави на Твитер Хасуми Масауду, привремен премиер на Владата.
Африканската унија, Економската заедница на западноафриканските земји (ECOWAS), Европската Унија, Обединетите нации и Франција ја осудија акцијата на нигерската војска и повикаа на безусловно ослободување на Базум (63), кој демократски е избран во април 2021 година.
Нигер, западноафриканска земја без излез на море, има бурна историја со државни удари. Во минатото државата се соочи со разни државни удари и обиди за пуч од стекнувањето независност и одвојувањето од Франција во 1960 година.
Во 1964 година земјата се соочи со првиот обид за државен удар, по кој следуваше успешен воен удар во 1974 година предводен од потполковникот Сени Кунче. Воениот режим на Кунче остана на власт сѐ до неговата смрт во 1987 година.
Полковникот Ибрахим Баре Маинасара го предводеше воениот удар во 1996 година, кој резултираше со смртта на демократски избраниот претседател Махаман Усман.
Враќањето на цивилната власт се случи во 1999 година, со избирањето на Мамаду Танџа за претседател.
Меѓутоа, во 2010 година обидот на Танџа да го продолжи претседателскиот мандат резултираше со воена интервенција и смена на власта.
Во 2011 година Нигер успешно и на демократски начин го избра Махамаду Исуфу за нов претседател.
И покрај политичките тензии во 2020 година, Нигер успеа да избегне уште еден обид за државен удар.
Реакција од Обединетите нации
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, остро ја осуди неуставната промена на власта во африканската држава Нигер.
„Генералниот секретар е длабоко вознемирен од притворањето на претседателот Мохамед Базум и загрижен е за неговата безбедност и благосостојба. Ги повикува сите актери што се вклучени во овој жален чин веднаш и без никакви предуслови да го ослободат претседателот“, изјави портпаролот на Кабинетот на генералниот секретар, Стефан Дужарик.
Гутереш, исто така, повика на итен прекин на сите активности што ги поткопуваат демократските принципи во Нигер и ги повика сите страни да се воздржат од насилство и да го почитуваат владеењето на правото.
„Обединетите нации се солидаризираат со демократски избраната Влада и народот на Нигер“, се вели во соопштението.