ФБИ не верува дека убиецот Дин Џабар, воен ветеран од Тексас, дејствувал сам / Photo: AA

Вонредна состојба е прогласена во Њу Орлеанс, САД каде возило влетало во толпа на пречек на Новата година, при што 15 лица загинале, а најмалку 35 се повредени.

Гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, прогласи вонредна состојба за „да им овозможи на федералните, државните и локалните партнери повторно да го направат градот безбеден“.

Ландри истакна дека била активирана и воената полиција.

Претходно, американскиот претседател Џо Бајден нагласи дека „Федералното истражно биро (ФБИ) го истражува овој настан како терористички чин“.

Осомничениот за нападот е идентификуван како 42-годишниот американски воен ветеран Шамсуд Дин Џабар, од Тексас.

Нападот бил извршен во изнајмен пикап, а сѐ уште се истражува како напаѓачот стигнал до возилото.

Убиецот ги избегнал барикадите поставени заради заштита од слични напади, возејќи по плочникот по што влетал во луѓето кои ја славеле Новата година во познатиот „Француски кварт“ во Њу Орлеанс.

Според соопштението, во возилото на напаѓачот било пронајдено знамето на терористичката организација ДАЕШ, како и оружје и рачно изработени експлозивни направи во возилото и во близина на местото на нападот.

ФБИ не верува дека Дин Џабар дејствувал сам.

Асошиетед прес објави дека државната полиција на Луизијана соопшти дека неколку „потенцијални експлозивни направи“ биле пронајдени во францускиот кварт во Њу Орлеанс по нападот и дека надзорните камери „фатиле тројца мажи и една жена како поставуваат еден од неколкуте импровизирани експлозивни уреди.

ФБИ и нивните партнери се обидуваат да утврдат дали експлозивот е функционален и, доколку е потребно, ќе биде деактивиран.

Во соопштението на ФБИ се наведува дека напаѓачот бил убиен во размена на оган со локалните безбедносни сили.

TRT Balkan / агенции
Популарни