Врховниот суд во Мичиген во средата одби да расправа по тужба со која се бараше да му се забрани на поранешниот претседател Доналд Трамп да се кандидира на претседателските избори во државата во 2024 година.
Како и во друг случај претходно во Колорадо, тужителите бараа да се отстрани поранешниот претседател од гласачкото ливче поради 14-тиот амандман на Уставот и улогата на Трамп во немирите во Капитол на 6 јануари 2021 година. Во прашање е дали улогата на Трамп претставува учество во бунт.
Уставниот амандман беше ратификуван во пресрет на Граѓанската војна во САД во 19, век. Делот 3, познат како „клаузула за востание“, им забранува на поединците кои „се ангажирале во бунт или востание“ да извршуваат јавна функција, освен ако две третини од Претставничкиот дом и Сенатот не го одобрат.
Но за разлика од Врховниот суд на Колорадо, кој прогласи дека, според Уставот, Трамп не е подобен да учествува на изборите, највисокиот суд во Мичиген практично застана на страната на поранешниот претседател со одлуката да не ја слуша жалбата на пресудата на понискиот суд, кој му дозволи да остане на гласачкото ливче во Мичиген на изборите во 2024 година.
„Барањето да се вложи жалба на пресудата на Апелациониот суд од 14 декември 2023 година е разгледано и е одбиено, бидејќи не сме убедени дека поставените прашања треба да бидат разгледани од овој суд“, соопшти судот.
Прелиминарните избори на Републиканската партија во Мичиген ќе се одржат на 27 февруари.
Тужителите сè уште можат да се обидат да ја оспорат подобноста на Трамп на општите избори и сигнализираа дека ќе го сторат тоа доколку тој излезе како победник во партискиот натпревар за номинација.
„Многу разочарувачка, но крајно тесна одлука што му дозволува на Трамп да биде на предизборните избори, иако тој е неподобен бунтовник, ако тој е номиниран за Републиканската партија, ќе го оспориме неговото појавување на општите избори“, напиша на Х Марк Бруер, еден од адвокатите кои сакаат да го исклучат Трамп од државното гласање.
И други случаи кои сакаат да го прогласат Трамп за неподобен се вртат низ државните судови пред претседателските избори на 5 ноември 2024 година.
Илјадници приврзаници на Трамп упаднаа во Капитол на 6 јануари 2021 година, поради што беа евакуирани пратениците и го одложија со уставот предвиденото гласање пред инаугурацијата на американскиот претседател Џо Бајден подоцна истиот месец.