Вонредната состојба ќе биде во функција на одржување на јавниот ред     Фото: Ројтерс

Вршителот на должноста претседател на Шри Ланка, Ранил Викремесинге, прогласи вонредна состојба во земјата поради тековните протести и немири, се вели во официјалното известување.

Во известувањето објавено доцна во неделата е нагласено дека вонредната состојба ќе биде во функција на одржување на јавниот ред, но и овозможување на набавки и услуги од суштинско значење за животот на заедницата.

Оваа одлука дојде само два дена пред гласањето во парламентот закажано за во среда за избор на новиот претседател на земјата.

Претходно, Ранил Викремесинге, исто така, објави вонредна состојба, но неговата влада не издаде официјално известување.

Минатата недела, премиерот Викремесинге положи заклетва како привремен претседател на земјата откако Готабаја Раџапакса ја напушти земјата.

Поранешниот претседател Раџапакса побегна во Сингапур од Малдиви во четвртокот, оставајќи ја Шри Ланка во економски хаос, бидејќи граѓаните со неколкумесечните масовни протести бараа негово соборување.

Тој избега од Шри Ланка откако илјадници демонстранти упаднаа во претседателската палата во главниот град Коломбо и го запалија домот на премиерот.

Сингапурското Министерство за надворешни работи соопшти дека Раџапакса бил во „приватна посета“ и „не побарал азил, ниту пак му бил даден азил“.

Малдивите соопштија дека дозволиле авион на воздухопловните сили на Шри Ланка во кој биле Раџапакса и неговата сопруга да слета во средата по официјалното барање на владата на Шри Ланка.

Жителите на Шри Ланка ја обвинуваат политичката династија Раџапакса за кризата. Братот на Раџапакса, Махинда, поднесе оставка како премиер во мај.

Осакатена од недостигот на девизни резерви по колапсот на нејзината економија зависна од туризмот, островската држава со 22 милиони жители не успеа да го подмири надворешниот долг.

Државата не можеше да плати за храна, гориво и други основни работи, а недостигот на гориво, пак, доведе до продолжени дневни прекини на струја. Училиштата се затворени, а државните службеници побараа да работат од дома.

Владата преговара со Меѓународниот монетарен фонд за спасувачки пакет, но засега не е финализиран договор.

AA
Популарни