Денеска е вториот ден од самитот на лидерите на Европската Унија (ЕУ), а главни теми на агендата се миграциите и односите со Кина.
Лидерите на 27-те земји членки на ЕУ се собраа во зградата на Европскиот совет во Брисел.
Вчерашната седница траеше до 01:30 часот по локално време, а челниците разговараа за погодената од војна Украина, прашањата за одбраната и безбедноста.
Во заедничката изјава усвоена на крајот од состаноците, лидерите на ЕУ ја повторија својата посветеност за одржување на воената и финансиска поддршка на Украина и зајакнување на европската одбранбена индустрија.
Денешното заседавање на лидерите почна утрово со фокус на миграциите во сенка на неодамнешната бродска катастрофа која се случи близу брегот на Грција и предизвика смрт на стотици мигранти.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во вчерашната изјава рече дека ќе им ги претстави новите планови на лидерите на Европската Унија за зајакнување на надворешните граници на блокот и менаџирањето со миграцијата, меѓу кои и за финансиската поддршка за земјите на потекло.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вчера учествуваше на работниот ручек со лидерите на ЕУ, додека украинскиот претседател Владимир Зеленски им се придружи преку видеолинк.
Фон дер Лајен за новинарите изјави дека ќе им претстави три извештаи на лидерите на ЕУ.
Еден план за хармонизирање на менаџирањето на надворешните граници што, според планот, ќе се спроведува на сличен начин од страна на сите земји на ЕУ, рече таа.
Вториот план ќе биде за нови дејства против криумчарите и трговците со луѓе бидејќи неодамнешната „трагедија на Медитеранот повторно го покажа немилосрдниот начин на дејствување на трговците со луѓе“, додаде Фон дер Лајен.
„Третиот е за инвестирање во економската стабилност на земјите на потекло.“
Миграциите беа тема на сите овогодишни самити на лидерите на ЕУ, но не е направено многу за решавање на кризата.
Се очекува прашањата како што се распределбата на мигрантите кои пристигнуваат во земјите на ЕУ, како Италија и Грција, до другите земји членки и нивното финансирање да бидат важен дел од дискусиите.
Тема на денешната втора сесија на самитот ќе бидат односите меѓу ЕУ и Кина.