Руските власти остро ги критикуваа ерменските власти за нивниот план земјата да му се придружи на Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд (МКС) по неодамнешните налози за приведување, издадени од Меѓународниот суд, за рускиот претседател Владимир Путин и за руската правобранителка за правата на децата, пренесува Анадолу.
Нарекувајќи ги намерите на Ереван „апсолутно неприфатливи“, Министерството за надворешни работи на Русија за новинската агенција ТАСС соопшти дека ерменската страна била предупредена за крајно негативните последици што таквиот потег може да ги има врз билатералните односи.
Уставниот суд на Ерменија во петокот ја објави својата одлука дека Римскиот статут е во согласност со основниот закон на Ерменија. Одлуката е конечна и стапува во сила по објавувањето.
МКС на 17 март издаде налог за приведување на рускиот претседател Владимир Путин и комесарката на рускиот претседател за правата на децата, Марија Лвова-Белова, под обвинение за незаконско депортирање на украинските деца.
Коментирајќи ја оваа одлука, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Москва не ја признава јурисдикцијата на МКС.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека налозите за приведување се законски неважечки бидејќи Москва не е потписник на Римскиот статут.