Загадувањето на воздухот е причина за смртта на над 1.200 луѓе на возраст под 18 години во Европа секоја година и значително го зголемува ризикот од болести подоцна во животот, покажуваат процените на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) објавени денес.
Додека емисиите на важните загадувачи на воздухот се намалени во последните децении, нивоата на загаденост на воздухот во Европа остануваат опасни, на што децата и адолесцентите се поранливи бидејќи нивните тела, органи и имунолошки системи сѐ уште се развиваат, се вели во соопштението на Агенцијата за медиумите.
Се додава дека сѐ додека општото загадување на воздухот не се намали на безбедно ниво, зголемувањето на квалитетот на воздухот околу училиштата и градинките, како и за време на училишните активности и спортувањето, може да помогне да се намали изложеноста на децата.
Според прелиминарните податоци од 2022 година, централноисточна Европа и Италија објавија највисоки концентрации на ситните честички (PM2,5) првенствено поради согорувањето на цврсти горива, како што е јагленот за загревање на домаќинствата, и нивната употреба во индустријата.
„Нивото на загаденост на воздухот низ Европа сè уште е небезбедно, а европските политики за квалитет на воздухот треба да имаат цел да ги заштитат сите граѓани, а особено нашите деца, кои се најранливи на здравствените влијанија од загадувањето на воздухот“, нагласи Ханс Брујнинкс, извршен директор на Европската агенција за животна средина.
„Ургентно е да продолжиме да ги зајакнуваме мерките на ниво на ЕУ, на национално и локално ниво, за да ги заштитиме нашите деца, кои не можат да се заштитат себеси. Најсигурен начин да ги заштитиме е да го направиме воздухот што сите го дишеме почист“, додаде Брујнинкс.