Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека праќањето западни трупи во Украина ќе доведе до директен судир на нуклеарните сили.
Коментирајќи го повикот на францускиот министер за одбрана Себастиен Лекорну за прашањето за распоредување ненуклеарни „сили за одвраќање“ во Украина, Захарова на брифингот со новинарите во Москва предупреди дека таквите потези ќе имаат „катастрофални последици“.
„Тој не е единствен претставник на Западот што се обидува да флертува со идејата за праќање странски војници во Украина. Практичната имплементација на оваа идеја, знаете до што ќе доведе. Можам да повторам за оние што можеби заборавиле: тоа ќе доведе до директен судир на нуклеарните сили со катастрофални последици“, нагласи таа.
Лекорну ја даде изјавата во понеделникот за прашањето за предлогот на украинскиот претседател Владимир Зеленски за распоредување трупи на НАТО на територијата на неговата земја, велејќи оти се согласува дека сојузниците мора да ја разгледаат таквата можност.