Украинските региони кои се под контрола на Москва од денеска гласаат дали да станат дел од Русија, на референдуми кои Киев и неговите сојузници ги осудија како незаконско одземање територија. ТРТ Балкан ви дава преглед на клучните факти поврзани со овој референдум.
Каде се гласа?
Референдумите започнаа во Доњецк и Луганск на истокот од земјата и во Керсон и Запорожје на југ. Регионите се под контрола на Русија. Киев и Западот го окарактеризираа овој референдум како „лажно“ гласање.
Како гласат прашањата на референдумот?
Во источните региони на Доњецк и Луганск - веќе признати како независни од рускуот претседател Владимир Путин непосредно пред да ја започне офанзивата во февруари - жителите ќе мора да одговорат дали го поддржуваат „влегувањето на нивната република во Русија“, според руската новинска агенција ТАСС.
Гласачките ливчиња во регионите Керсон и Запорожје го имаат ова прашање: „Дали сте за отцепување од Украина, формирање на независна држава од регионот и нејзино приклучување кон Руската Федерација како субјект на Руската Федерација“.
И процесот на гласање во четирите региони би бил нетрадиционален, соопшти ТАСС.
„Со оглед на кратките рокови и недостатокот на техничка опрема, беше одлучено да не се одржува електронско гласање и да се користат традиционалните хартиени ливчиња“, се додава.
Наместо тоа, властите ќе одат од врата до врата во првите четири дена за да соберат гласови, а потоа гласачките места ќе бидат отворени на последниот ден, вторник, за жителите да гласаат.
До кога се гласа?
Гласањето започна во петокот во 5 часот по Гринич. Гласањето се очекува да и треба да заврши во вторник во четири региони контролирани целосно или делумно од руските трупи - Доњецк и Луганск на исток и Керсон и Запорожје на југ.
Се случуваат во период на ескалација на тензиите
Референдумите доаѓаат откако рускиот претседател Владимир Путин оваа недела објави делумна мобилизација на околу 300.000 резервисти, што исто така предизвика остра осуда на Западот.
Украинските сили го зазедоа најголемиот дел од североисточниот регион Харков во огромна контраофанзива во која Киев повторно зазеде стотици населени места кои беа под руска контрола со месеци.
Какви се реакциите
Многумина сметаат дека исходот од референдумот ќе биде нова ескалација на конфликтот. Украинскиот претседател Владимир Зеленски ги осуди референдумите како „фарса“ и ги поздрави западните сојузници за нивната осуда на потезите на Русија.
„Благодарен сум на сите во светот кои не поддржаа, кои јасно осудија уште една руска лага“, рече тој за време на неговото обраќање во четвртокот.
Голем дел од западните сојузници на Украина се против референдумот.
„Не можеме и нема да дозволиме претседателот Путин да се извлече со тоа“, рече американскиот државен секретар Антони Блинкен на седницата на Советот за безбедност на ОН во четвртокот, критикувајќи ги референдумите како „измама“.
Во Њујорк оваа недела, западните лидери едногласно го осудија гласањето и делумната мобилизација, при што францускиот претседател Макрон изјави на Генералното собрание на ОН ги оцени референдумите како „травестија“.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги критикуваше обвинувањата, осудувајќи ја Украина дека води „русофобија“.
„Денес има обид да ни се наметне сосема поинаков наратив за руската агресија како потекло на оваа трагедија“, рече Лавров пред Советот за безбедност.
Се повторува историјата
Референдумите во Украина потсетуваат на сличен референдум што се случи во 2014 година кога Кримскиот Полуостров во Украина беше припоен од Русија.
Путин рече дека Москва ќе ги искористи „сите средства“ за да ја заштити својата територија - изјава за која поранешниот руски лидер Дмитриј Медведев рече на социјалните мрежи ќе значи вклучување и на „стратешко нуклеарно оружје“.
Медведев, исто така, предвиде дека гласачките региони „ќе се интегрираат во Русија“.