Клиничкото испитување во фаза 1 се спроведува на 34 истражувачки локации / Photo: AA

Лекарите од седум земји го започнаа првото тестирање на mRNA-вакцината против рак на белите дробови, вклучително и Туркије, во напор што може да го револуционизира лекувањето на ракот, пренесува Анадолу.

Вакцината, позната како БНT116 и развиена од „БајоНТех“, е создадена за да го таргетира неситноклеточниот белодробен карцином (NSCLC), најчест тип рак на белите дробови. Таа има цел да ги елиминира клетките на ракот и да го спречи нивното повторување преку тренирање на имунолошкиот систем да ги препознае и нападне туморските маркери специфични за NSCLC.

Тестирањето на вакцината, кое се извршува во Велика Британија, САД, Германија, Шпанија и Туркије, меѓу другото, се смета за значаен чекор во лекувањето на ракот на белите дробови. Ракот на белите дробови останува водечка причина за смртни случаи како последица од рак низ светот, одговорен за приближно 1,8 милиони смртни случаи годишно, со особено ниски стапки на преживување кога ракот е во напредна фаза.

Клиничкото испитување во фаза 1 се спроведува на 34 истражувачки локации, вклучително и шест во Велика Британија. Првиот пациент од Велика Британија ја прими вакцината во вторникот, што претставува значен чекор во испитувањето, според „Гардијан“.

Во испитувањето ќе учествуваат околу 130 пациенти со рак на белите дробови во различни фази, од рана фаза до напредна или рекурентна, а вакцината ќе ја примат заедно со имунотерапија. Технологијата на mRNA што се користи во БНТ116 е слична на онаа со вакцините против КОВИД-19, која функционира така што го поттикнува имунолошкиот систем да ги нападне клетките на ракот додека ги штеди здравите, за разлика од традиционалната хемотерапија.

Експертите, вклучително и Сиоу Минг Ли од Универзитетскиот колеџ во Лондон, гледаат на ова испитување како почеток на „многу возбудлива нова ера“ во истражувањето на ракот, како што објави „Гардијан“.

Еден од првите учесници, 67-годишниот научник Јануш Рац од Лондон, се вклучил во тестирањето поради вербата во унапредувањето на науката. Рац се надева дека третманот ќе му помогне да се елиминира ракот и ќе придонесе за глобалните напори за развој на ефективни терапии за рак. Тој ќе биде подложен на ригорозен режим на третман, вклучително повеќе инјекции неделно, проследени со периодични дози во текот на една година.

Како што напредува испитувањето, истражувачите имаат цел да ја покажат ефикасноста на вакцината во спречувањето на повторувањето на ракот на белите дробови, што потенцијално ќе ја направи стандарден третман низ светот.

Оваа иницијатива е дел од пошироката шема на NHS за брзо следење на пациентите во клиничките испитувања за иновативни третмани за рак, што е поздравено како потенцијален менувач на играта во борбата против ракот на белите дробови.

Министерот за наука на Велика Британија, Лорд Валанс, изрази оптимизам за тестирањето, истакнувајќи го потенцијалот на вакцината да спаси илјадници животи, се наведува во текстот објавен во „Гардијан“.

Рац се надева дека по завршувањето на третманот ќе може да се врати на трчањето и да ја постигне својата цел да го заврши Лондонскиот маратон.

Ова испитување претставува значајна пресвртница во истражувањето на ракот на белите дробови, со потенцијал да ги трансформира резултатите од третманот и да понуди нова надеж за пациентите на глобално ниво.

AA
Популарни