Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја обвини Кина дека и помага на Русија да ја продолжи војната во Украина, велејќи дека имаат јасни разузнавачки информации.
„За жал, добиваме сигнали дека Кина сè уште активно и помага на Русија да ја продолжи оваа војна. Имаме јасни разузнавачки информации“, рече Зеленски на состанокот на Европскиот совет во Брисел.
Претставувајќи го својот „План за победа“, Зеленски ги повика европските лидери да и помогнат на Украина да го спроведе планот.
Претседателот на Украина повтори дека конфликтот може да се прекине најдоцна следната година доколку сега почнат да го следат „Планот за победа“ и дека целта на планот е да се зајакне не само Украина, туку и целата евроатланска заедница.
„Русија ќе прибегне кон дипломатија само кога ќе сфати дека не може да постигне ништо со сила. Мораме да создадеме соодветни услови за да ја завршиме оваа војна“, нагласи Зеленски.
Тој го претстави „Планот на победата“, чии детали за прв пат ги објави вчера за време на неговото обраќање во украинскиот парламент.
Планот содржи пет точки, од кои првата се однесува на официјалната покана на Киев за членство во НАТО и три тајни анекси.
Останатите точки се однесуваат на одбраната, ненуклеарното одвраќање, економијата и постконфликтната безбедност во евроатлантскиот регион.
Кинеските власти се уште не ги коментирале изјавите на Зеленски