Зеленски во Твитер војна со Илон Маск      Фото; АА

Референдумите за отцепување на украинските региони Доњецк, Херсон, Луганск и Запорожје и нивно припојување кон Русија, одобрувањето на одлуката за припојување од двата дома на рускиот парламент и потпишувањето на законот за анексија од страна на рускиот претседател Владимир Путин деновиве се во центарот на вниманието на медиумите и предмет на расправа на социјалните мрежи.

Особено огромно внимание предизвика Твитер дебатата која ја започна извршниот директорот на Тесла, Илон Маск со својот предлог за мир, а во којa се вклучи и претседателот на Украина Владимир Зеленски како и многу политичари и дипломати.

Се почна со анкета

Илон Маск на својот Твитер профил објави анкета во која бара едноставен ДА или НЕ одговор на прашањето: Волјата на луѓето во Крим и Донбас треба да биде одлучувачка за тоа дали да бидат дел од Украина или Русија?

Твитот експлодираше. Разбеснети Украинци го обвинија Маск дека „сака да го легитимизира насилно спроведениот референдум во кој луѓето гласале под закани со оружје“.

Реакција на предлогот на Маск      Фото: Твитер

По што Маск појасни дека предлага ново гласање спроведено од Обединетите нации или друга држава или ентитет во кој би имале доверба.

Во друга објава, Маск повика референдумите што Русија ги спроведе на окупираните територии, кои доведоа до нивна анексија, повторно да се одржат, но под надзор на Обединетите нации. Тој напиша и дека Крим треба формално да биде дел од Русија. Што се однесува до Украина, тој смета дека таа треба да „остане неутрална“.

На обвинувањата дека се фокусира на војната во Украина и ваквите предлози ги пласира заради лична популарност, Маск објасни дека не се грижи за популарност туку за животите загубени од двете страни во војната.

„Секој кој се грижи за луѓето би барал мирно решение“, напиша тој.

Нов Твитер фронт за Зеленски

Украинскиот претседател Владимир Зеленски очигледно незадоволен од „мировниот“ предлог на Маск реагираше на својот Твитер профил со објава на анкета во која ги прашува следбениците:

„Кој Илон Маск повеќе ви се допаѓа? Оној што ја поддржува Украина или

Оној што ја поддржува Русија“, гласеше твитот на Зеленски.

Уште на почетокот на војната Маск ја покажа својата поддршка за Украина опремувајќи ја со антени Старлинк (Starlink) во вредност од околу 80 милиони долари, мрежа која се покажа како клучна поддршка за комуникациската инфраструктура низ Украина.

Сепак овој предлог, кој доаѓа во момент кога Путин го потпиша законот за анексија, Украина е под зголемен притисок да ја врати територијата пред да пристигне зимата, а новомобилизираните руски трупи го прават планот за враќање на територии сè потешко изводлив и поскап, го стави директорот на Тесла на удар од украинските дипломати и политичари.

Реакции од дипломати и политичари

Советникот на Зеленски, Подолјак го отфрли предлогот велејќи дека веќе постои „подобар мировен план“ кој подразбира ослободување на териториите вклучително и Крим.

Андриј Мелник пак, украински дипломат во Германија, понуди не баш дипломатски одговор на објавата на Маск.

Од Твитер профилот на  Андриј Мелник, украински дипломат во Германија     Фото; Твитер

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба реагираше на својот Твитер профил алудирајќи на предлогот за мир на Маск.

„Оние кои ѝ предлагаат на Украина да се откаже од својот народ и земја - наводно за да не му наштети на начнатото его на Путин или за да се спаси Украина од страдање - мора да престанат да го користат зборот „мир“ како еуфемизам за дозволата Русите да убијат и силуваат уште илјадници невини Украинци, и зграпчат повеќе земја“.

Маск си остана на своето

Илон Маск одговори на Твитер анкетата за него што претседателот на Украина Зеленски ја отвори на својот профил.

„Се уште ја поддржувам Украина, но уверен сум дека ескалација на војната ќе и направи огромна штета на Украина и можеби на целиот свет.“

Зеленски во Твитер војна со Илон Маск     Фото; Твитер
TRT Balkan
Популарни